сабота, 27 јули 2024
Изјава на амбасадорката на САД

Агелер: Ставањето на Анѓушев на црната листа е врз база на докази, точно знаеме што направил

Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека во однос на ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД поради корупција, не станува збор за сомнеж, туку за цврсти докази дека тој бил вмешан во коруптивни активности и тоа во повеќе случаи.. „Тоа не се сомнежи, ние точно знаеме што направил Анѓушев“, нагласи Агелер на брифинг со новинарите, како што пренесува Дојче веле. Амбасадорката е зачудена од нереагирањето во македонското општество и посочи дека никој од органите во Македонија за Рамиз Мерко, ставен на црната листа во јуни годинава, уште не побарал од САД споделување на доказите.

Објавено на

часот

Сподели

Таа додаде дека Анѓушев преку својот адвокат во САД веќе поднел жалба, но тоа, рече амбасадорката, ништо нема да смени.  

Американската амбасадорка го оцени како позитивен чекорот на Владата да предложи закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во земјава секое лице кое ќе се најде на „црната листа“ на САД, што досега се практикуваше за листите на ЕУ и ОН.

Агелер повтори дека во Македонија постои „епидемија на корупција“, присутна е во сите пори на општеството и е значително зголемена во изминатите десет години. Таа потсети дека во изминатите 32 години САД издвоиле речиси 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во Македонија, но, како што рече „гледаме епидемија на корупција во земјата“.

„Епидемијата е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, рече Агелер.

Американската амбасадорка додаде дека „црната листа“ на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите.

Она што најмногу ја збунува американската амбасадорка, како што вели, е фактот што по секое објавено ново име на т.н. „црна листа“, „никој во Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници“. 

Таа рече и дека во јуни годинава, кога САД го ставиле струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата, објави Дојче веле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ