петок, 14 јуни 2024

Агелер порача дека до крајот на годинава треба да се донесат тешки одлуки

Објавено на

часот

Сподели

Агелер, која денеска е во Кавадарци на отворениот ден организиран во рамките на вежбата „Брз одговор 23“ каде се прикажани дел од возилата, вооружувањето и опремата што ќе се користи на оваа вежба, прашана за коментар за изјавата на сенаторот Марфи, рече дека според неа тој бил навистина јасен во неговата изјава.

„Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евро-атлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатланските интеграции и европскиот пат. Затоа нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен“, одговори Агелер на новинарското прашање. 

Вежбата на армискиот полигон Криволак, е дел од големата вежба „Европски бранител 2023“ и се спроведува од 22 мај до 2 јуни, со учество на пет земји од кои четири НАТО сојузници, СРМ, САД, Албанија и Црна Гора и партнерско Косово со вкупно 1.850 учесници. 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изрази задоволство од настанот на кој се презентира дел од опремата што се користи и ќе биде употребена и во текот на утрешниот ден, во рамки на изведувањето на вежбата „Брз одговор 2023“. Целта на вежбата, како што нагласи министерката, е, „да се покаже заедништвото, сојузништво и се разбира и подготвеноста, што е најважно за армиите што учествуваат, за меѓусебна соработка, но и за совладување на било какви предизвици што може да се појават во иднина“. 

„Оваа вежба е само еден дел од активностите што македонската армија ги изведува и овој пат, како и многу пати претходно, со поддршка на армијата на САД, наш долгогодишен и голем стратешки поддржувач и пријател. Мило ми е што од 2020 година сме сојузници заедно во НАТО алијансата“, рече министерката. 

Петровска потсети дека земјава е домаќин на повеќе сојузници од НАТО алијансата и една партнерска земја, Косово, и се заблагодари на амбасадорката Агелер, за несебичната поддршка што САД ја даваат за Македонија. 

Амбасадорката Агелер рече дека е горда што е во Кавадарци. 

„Фактот што сум тука, заедно со припадниците на копнените сили на САД за Европа и Африка, како и припадниците на националната гарда на Минесота, рамо до рамо со домашните војници, ја покажува нашата несебична поддршка и партнерството што го имаме изградено досега, со оваа членка на НАТО алијансата, што навистина ревносно придонесува“, рече Агелер, нагласувајќи ја 30 годишната соработка и партнерство, заблагодарувајќи се на поддршката што се дава за Украина. Таа нагласи дека македонскиот народ треба да е горд на својата земја, армијата, регионалниот придонес, самите себе и на своите семејства. 

Министерката Петровска, одговарајќи на новинарско прашање дали вакви отворени денови ќе се организираат и низ другите градови, рече дека во секоја прилика кога се има вакви вежби, на различни локации во државата, се прават вакви отворени денови, за армијата и граѓаните да бидат поблиску едни до други. 

„Министерството за одбрана и Армијата се секогаш подготвени да примат млади кадри што се спремни  да и помогнат на оваа држава“, нагласи Петровска. 

Градоначалникот Митко Јанчев се заблагодари на посетата на министерката и амбасадорката, рече дека ова е од големо значење на жителите на општината Кавадарци. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ