петок, 27 декември 2024

Агелер: На Груби и Беџети им е забранет влезот во САД, во Вашингтон се разгледуваат и дополнителни санкции

Амбасадорката на САД во земјава, Ангела Агелер денеска на прес-конференција информираше дека поранешниот вицепремиер, Артан Груби и апелацискиот судија, Енвер Беџети се ставени на американската црна листа, поради политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата.

Објавено на

часот

Сподели

Таа подвлече дека на нив и на нивните најблиски им е забранет влезот во САД, а во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции.

„Стејт департментот на Соединетите Aмерикански Држави вчера презеде значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството. Затоа, на нив и на нивните најблиски членови на семејството им е забранет влезот во САД. Во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции“, рече Агелер.

Како што рече, се надева оти со ова ќе покажат дека САД ги користи сите можни алатки за повикување на одговорност кон овие лица, чии криминални активности ја нарушуваат безбедноста, стабилноста и доброто владеење во Македонија.

„Согласно законот во САД, мора да ги ставиме на црната листа лицата за кои постојат докази дека се вклучени во корупција, без оглед на нивните минати или сегашни функции. Велиме дека правдата е слепа, но таа мора да биде непристрасна и обејктивна за сите, без разлика на политичка партија, пол или етничката припадност“, додаде Агелер.

Таа смета дека корупцијата во ниедна форма не треба да се толерира во оваа држава.

„Оние кои го поткопуваат владеењето на правото заради лична добивка, а на сметка на народот во Македонија, треба да разберат дека корупцијата има последици. САД ќе продолжи да повикува на одговорност за сите инволвирани во корупција, и се надевам дека судството и оние кои го спроведуваат законот во оваа држава ќе го направат истото. Граѓаните на оваа тоа го заслужуваат“, додаде Агелер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ