сабота, 27 јули 2024

АФП: Зетот на Доналд Трамп потврди дека планира инвестиции во Србија и Албанија

Француската новинска агенција АФП денеска пишува дека Џаред Кушнер, зет и поранешен советник во Белата куќа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, потврдил дека планира да инвестира во луксузни недвижности во Србија и Албанија и дека деталите за ова претходно го откри пратеник во српското Собрание, а Њујорк тајмс објави текст за тоа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Задоволство ми е да споделам неколку слики од планот за развој на проектот што го изработивме за албанското крајбрежје и за центарот на Белград“, напиша Кушнер на мрежата Икс заедно со четири слики од архитектонски решенија на идните комплекси за недвижнини во Белград и на брегот во Албанија.

Пратеникот на Еколошко востание, Александар Јовановиќ Ќута, во средата изјави дека Владата на Србија наредила министерот за градежништво, Горан Весиќ, да потпише „меморандум за разбирање“ со две компании што, како што рече Јовановиќ, се поврзани со семејството Трамп, пишува АФП.

Министерот потоа објасни дека тоа не е тајна и дека меморандумот сѐ уште не е потпишан.

Франс прес пишува дека оваа тема е чувствителна во Србија затоа што се работи за давање на инвеститор на зградите на Министерството за одбрана и Генералштабот на ЈНА, кои беа бомбардирани од НАТО во 1999 година, на чело со САД со цел да се стави крај на војната на Косово.

Според Јовановиќ, кој планот за тој проект го објави десет дена пред 25-годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО, Владата треба да ги предаде објектот и земјиштето за период од 99 години без плаќање, а инвеститорот потоа може да стане сопственик – според Франс прес.

Медиумот пишува дека според Њујорк тајмс, таму треба да се изгради луксузен хотел, 1.500 апартмани и музеј.

Во Албанија, според истиот извор, станува збор за пренамена на островот Сазан во луксузна туристичка дестинација. Тој мал остров на влезот во Валонскиот залив во југозападна Албанија беше „најтајната воена база на комунистичка Албанија“ (1945-1990).

Њујорк тајмс вели дека партнер на Џаред Кушнер во тие проекти е Ричард Гренел, исто така близок соработник на Доналд Трамп. Тој е поранешен американски амбасадор во Германија и поранешен вршител на должност во американската разузнавачка служба, а беше и пратеник на поранешниот американски претседател за преговори меѓу Србија и Косово.

Министерството за туризам на Албанија денеска преку соопштение потврди дека инвеститорот до Агенцијата за инвестиции и развој изразил интерес за развој на туристички проект на островот Сазан, пренесе Франс прес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ