сабота, 19 октомври 2024

АЕК: Влезот во мобилната телефонија е ограничен, има недостиг на пазарна конкуренција

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) констатира недостиг на пазарна конкуренција во мобилната телефонија во најновата анализа на релевантиот пазар за завршување повик во мобилна телефонија. Укажува дека потенцијалната конкуренција може и добро е да се создава, но дека од аспект на структурните и легални бариери што постојат на пазарот, таа е ограничена и претставува бариера.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Ова е шеста анализа што ја подготви АЕК за релевантниот пазар за завршување на повик во мобилна телефонија,  а е подготвена во соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Како што нотира АЕК во анализата, самата структура на пазарот на мобилни комуникации го објаснува нивото на развој на ефективната конкуренција на тој пазар, а високата пазарна концентрација говори за недостиг на постоечка конкуренција.

„Структурни бариери за влез на пазарот се оние кои се појавуваат како резултат на потребните првични трошоци или условите на побарувачката и создаваат нееднакви услови помеѓу операторот со значителна пазарна моќ на пазарот и останатите оператори на електронски комуникациски мрежи/услуги кои што сакаат да влезат на пазарот односно го отежнуваат или попречуваат влезот на нови учесници на пазарот. Присуството на високи и постојани бариери за влез е главна препрека за развој на ефективна конкуренција. Бариерата за влез претставува рестрикција за влез на релевантен пазар која им овозможува на постојните оператори да ги зголемат цените над реалното конкурентно ниво, стои во анализата.

На пазарот на мобилни комуникации активни се два мобилни мрежни оператори, три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач. Како што наведува АЕК, двата оператора ги имаат постигнато и ги користат привилегиите од економиите на обем на интеграција и вертикалната интеграција. Располагаат со доволна количина на радиофреквенциски ресурс со која може да ја оптимизираат својата мрежа и да остваруваат минимални трошоци во своето работење. На тој начин се во состојба да постигнуваат и подобри малопродажни цени за мобилните услуги. Сите овие привилегии од аспект на структурата на пазарот и легалните бариери, според АЕК, нов пазарен учесник нема да биде во состојба целосно или делумно да ги исползува.  Тоа значи дека нов оператор би поседувал ограничен радиофреквенциски ресурс за кој треба да аплицира на јавен тендер за да го добие. Истиот чини многу и оптимизацијата на фреквенцискиот опсег и неговото користење се комплицирани. Иако може да се констатира дека државата располага со доволна количина на спектар за влез на нов мрежен оператор сепак целиот тој процес набљудуван од легална или структурна природа одзема време, пари и човечки потенцијал и енергија за да тоа се постигне. Особено новиот пазарен учесник тоа не може да го постигне на краток рок.

„Сето ова значи дека потенцијалната конкуренција може и добро е да се создава, но сепак треба да се констатира дека од аспект на структурните и легални бариери што постојат на пазарот, истата е ограничена и претставува бариера. Ова ја потврдува пазарната доминација на двата мобилни мрежни оператори Македонски Телеком и А1 Македонија на пазарот на мобилни комуникации и особено на големопродажниот пазар за услуги за завршување на повик во јавни мобилни комуникациски мрежи, стои во анализата.

Нивото на пенетрација на малопродажниот пазар на мобилни комуникациски услуги изнесува 89,68 проценти во четвртиот кавратл на 2020 година, 93,83 проценти во четвртиот квартал од 2021 година, 105,23 проценти во четвртиот квартал од 2022 година, односно 104,53 проценти во првиот квартал од 2023 година. Пенетрацијата е во постојат раст во последните три години и спаѓа во релативно висока, што, според регулаторот, ја покажува заситеноста на овој релевантен пазар кој од аспект на услугите повик, СМС, ММС, е релативно зрел пазар.

„Ова ниво на пенетрација може да претставува значителна бариера за развојот на конкуренцијата на пазарот, преку влез на нови учесници на пазарот и неговото движење кон ефективна конкуренција“, се наведува во анализата.

Заклучно со вториот квартал минатата година, во државава се регистрирани 1.920.403 претплатници во мобилната телефонија.  Во вкупниот број активни претплатници, А1 Македонија учествува со 48,11 проценти, Македонски телеком со 47,13 проценти, Лајка Мобајл со 2,84 проценти, Роби со 1,25 проценти, М-тел со 0,57 проценти и Грин мобиле со 0,10 проценти. Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги во малопродажно ниво Македонски Телеком учествува со 50,79 проценти, А1 Македонија со 47,12 проценти, Роби со 0,89, Лајкамобајл со 0,76 проценти, М-тел 0,31 процент… Пристап до интернет преку мобилен во првите два квартала имале 1 489 288  од вкупно 1 920 403 претплатници во мобилната телефонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ