Според него, прашањето за легитимитетот е потврдено и во политичката теорија и преку пракса во хетерогените општества каде што, рече, треба да се има предвид и волјата на граѓаните кои не се мнозинство. Додаде дека „тоа е сржта на Охридскиот рамковен договор и на сите инструменти предвидени со тој договор, вклучувајќи го и Бадентеровото мнозинство или двојното мнозинство“.
Во однос на претензиите за влез во Влада на нивните опоненти од Вреди, Адеми рече дека тие самите изјавувале дека право за преговори во Владата има тој што има глас повеќе.
„Кажаа дека тие што имаат глас повеќе имаат право да преговараат за идната Влада. Тие, исто така, кажаа дека ако добијат еден глас помалку би дале оставка и дека веќе ги верификувале тие оставки ако би изгубиле на избори. И самите нивни изјави додека траеше кампањата јасно потврдуваат кај кого е легитимитетот – кај победникот кај немнозинската заедница. Така што, како земја ни треба стабилност и разумност. Имаме многу прашања пред нас и големи обврски и затоа треба да имаме стабилна демократија и предвидливост во сите процеси што нѐ очекуваат“, истакна Адеми.
Рече дека „не е ништо ново“ тоа што се обврзале со декларацијата околу уставните измени, одговарајќи на новинарско прашање зошто денеска ја објавиле Декларацијата потпишана пред неколку месеци од претседателите на политичките партии во албанскиот политички блок дека нема да прифатат коалиција ако не бидат исполнети измени на Уставот.
„И самиот Таравари пред првиот круг на изборите во дебата со нашиот кандидат Бујар Османи рече дека имаме таков договор меѓу сите политички партии, треба да бидеме спокојни дека без уставни измени нема да има никаква влада, нема да учествува никој во таква влада. Но, сакаат да воспостават стандард за неодговорност за зборовите што ги кажуваме јавно и за секоја конкретна акција и делување. И за ова гледаме дека не постои одговорност кај опозицијата“, додаде Адеми.