недела, 3 март 2024

Адеми: Со разрешувањето на Дамева, Судскиот совет не прекрши ниту еден закон

Објавено на

часот

Сподели

Разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, продолжува да ја бранува јавноста, по обвинувањата за политичко влијание, но и за незаконско постапување од страна на членовите на советот. Реакциите за разрешувањето не стивнуваат, особено во делот на начинот на кој беше разрешена претседателката на Судскиот совет, со оглед на тоа што познавачите тврдат дека нема законска можност да се разреши првиот човек на оваа инстутиција, без притоа да има дисциплинска одговорност. Втора причина за реакциите се можните мотиви, односно тврдењата дека заменик-претседателот на советот, Селим Адеми, иницирал разрешување на Дамева за да го заштити апелацискиот судија Енвер Беџети, по налог на политички инстанци.

Порталб.мк за сите овие отворени прашања пренесува разговор со потпретседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.

Во разговорот Адеми ги негира сите обвинувања и критики на сметка на постапувањето на Судскиот совет во овој случај. Тој тврди дека при разрешувањето на Дамева не е прекршена ниту една законска одредба, дека точката за разрешување на судијата Беџети воопшто не била ставена на дневен ред на завчерашната седница, а како причина за разрешувањето на претседателката ги потенцира нарушените меѓучовечки односи.

„Апелирам до Дамева доколку имала закани или политички влијанија нека излезе и нека каже со имиња. Јас сум во Судскиот совет, никој никогаш не ми се заканувал. Нарушените меѓучовечки односи кои ги предизвика претседателката Дамева беа причина за разрешување“, вели Адеми за Порталб.мк.

Во разговорот тој додава дека Дамева, доколку смета дека е незаконски разрешена, може да покрене иницијатива до Уставниот суд. Тој се согласува дека постои законска дупка во однос на регулативата за разрешување на претседател на Судски совет и апелира до Комисијата за реформи во Министерството за правда да го регулира ова прашање.

„Нека излезе било кој професор, било кој експерт и нека каже кој член од кој закон е прекршен. Јас искрено се согласувам дека ова прашање мора да се среди. Со закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседателот на Судскиот совет. Но, сè што не е забрането со Устав и со закон, е дозволено. Законот вели дека Судскиот совет одлуките ги носи со мнозинство гласови од присутните членови, доколку со друг закон не е поинаку уредено. Во советот имаше мнозинство, гласано е седум со пет. Значи, седум е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку не е предвидена друга постапка со закон. Постапката за избор на претседателот е уредена со закон каде што се вели дека треба да има 8 гласови. Значи, само претседателот се избира со осум гласови. Но, не е уредено со закон со колку се разрешува. Овде има дупка и никој не може да каже дека доколку си избран со осум гласови, се разрешуваш со осум. Експертите го толкуваат погрешно тоа што законот предвидува разрешување од позицијата член на Судскиот совет – таму се вели дека со осум гласови се разрешува, но Весна Дамева не е разрешена од позицијата член на Судскиот совет, таа продолжува да биде член, разрешена е од позицијата претседател“, вели Адеми за Порталб.мк, додавајќи дека во случајов, употребено е правилото „мнозинството те именува, мнозинството те разрешува“.

Адеми во разговорот додава дека не е заинтересиран да стане нов претседател на Судскиот совет и дека дури и доколку му биде понудено, тој не би прифатил.

Во однос на тоа дека во јавноста се шират тврдењата дека со разрешувањето на Дамева, тој всушност сакал да го заштити апелациониот судија Енвер Беџети, чие разрешување било ставено на дневен ред, Адеми во разговорот со Порталб.мк е дециден:

„Со најголемата одговорност велам дека на дневниот ред предложен од Дамева, немало ниедна точка за разрешување на некој судија. Велам за ниту еден судија, не споменувам повеќе имиња“.

Весна Дамева беше разрешена во средата, а вчерашната седница на која требаше да се бира нов претседател на Судскиот совет, беше одложена за 2 мај во 11 часот. Адеми рече дека причина за одложувањето е тоа што е пожелно на седницата да присуствуваат сите 13 членови. Во меѓувреме, Министерството за правда побара од Судскиот совет да ги достави на увид Записникот од седница како и усвоениот дневен ред, дента кога беше разрешена Дамева.

                                                                                                                                                            Мета

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ