сабота, 19 октомври 2024
Прес-конференција на портпаролот на ДУИ

Адеми: Изборот на претседател во парламентот е барање на ДУИ и за коалицирање во идната влада

Барањето на ДУИ претседателот на државата да се бира во Собрание ќе остане и при составувањето на идната влада, изјави денеска потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбeр Адеми.

Фото: Фејсбук

Објавено на

часот

Сподели

„Ова барање ќе биде и по првиот и вториот круг на претседателските избори, и по парламентарните избори, и при составување на владата. Така што, овие вакви и слични изјави сме ги слушнале и кога сме го промовирале концептот за прв премиер Албанец. Ама тоа се оствари. Ние мислиме дека тоа е прогресивна идеја водејќи се од причини кои веќе ги наведов, заштеда на буџетски средства од 20 милиони евра спречување на заморната активност на десетици илједи граѓани да одат да се попишуваат за поддршка на кандидатури. Имајќи предвид дека сме парламентарна демократија логично би било претседателот на државата да се избере во Собранието“, рече тој.

Според Адеми, не е прогресивно ако се тврди дека една државна функција е резервирана само за една етничка заедница, а при тоа да не се води сметка за квалитетот.

„Често пати има изјави од типот, до кога со етнички квоти? Имало и изјави кога ќе се фокусираме на квалитетот? Ете, најквалитетен претседателски кандидат имаме сега, зошто не би била прогресивна оваа идеја и зошто не би била прогресивна ако претседателот на државата како и во другите парламентарни демократии биде избран во Собранието, а не на непосредни избори имајќи ги предвид и уставните норми, каде што за да имаме успешен претседателски изборен циклус навистина треба големи напори – цензусот на првиот круг и цензусот за успешни претседателски избори на вториот круг“, истакна Адеми.

Тој додаде дека поради тоа уставните измени претходно биле во оваа насока особено за вториот изборен круг – од 50 проценти излезност на 40 проценти излезност. Смета дека доколку претседателот на државата се избира во Собранието ќе се обезбеди општествен консензус, бидејќи таму учествуваат партиите, кои ги избрале граѓаните, а со бадентеровото мнозинство ќе се обезбеди и меѓуетнички консензус.

„Легитимитетот на тој претседател, кој ќе се избира во Собранието со двојно мнозинство и со двотретинско и со бадентерово мнозинство ќе биде многу, многу поголем отколку легитимитетот добиен со 41, 42 отсто од вкупниот број на гласачи во избирачкиот список. Затоа тука ја гледаме прогресивноста на оваа идеја“, рече тој.

Адеми потенцира дека Арбен Таравари нема кредибилитет ниту во Алијанса за Албанците за претседателската фунјција, па оттаму нема кредибилитет да биде претставен како личност која е обединувачка во целото општество.

„Во неговата партија е разрешен и од Централното собрание, но и на Конгресот. Секако тоа се внатрепартиски процеси и нас како ДУИ тоа не нѐ засега, но личноста која што не може да обезбеди консензус во својата матична партија не може да обезбеди консензус и пошироко кај целата јавност, така што ние му посакуваме успешен процес на собирање на потписи. Сметаме дека  Бујар Османи е на сосема друго ниво, сосема друг профил на политичар, европски политичар кој достоинствено ја претставувал и ја претставува државата на меѓународно ниво, а за тоа говорат и државниот секретар на САД Блинкен и Министерскиот совет на ОБСЕ, што се организираше во Скопје. Од осамостојувањето до сега немало таков меѓународен настан каков што се организираше под покровителството на Бујар Османи“, рече Адеми.

На прашањето дали Османи ќе се откаже од министерската функција кога сега официјално влегува во трката за претседател, Адеми истакна дека нема никаква уставна или законска пречка во овој процес тој да биде и во функцијата на министер за надворешни работи и во функција на учесник на претседателските избори.

„Претседателските избори се совпаѓаат со парламентарните, така што нема никаква уставна или законска пречка. Да бараме ли и од сегашниот претседател Пендаровски да даде оставка за да учествува на претседателските избори? Значи, тоа нема логика“, рече Адеми.

Уставот и начинот за избор на претседател ќе бидат главните теми на кои ќе се фокусира ДУИ за време на претседателските и парламентарните избори, нагласи портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ