недела, 3 март 2024

АДА – првиот дигитален асистент во јавниот сектор

Објавено на

часот

Сподели

На презентацијата присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили.

 
Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, коишто го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава, рече премиерот Ковачевски.

Тој истакна дека АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, нагласи тој, ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите. Воведувањето на овој прв дигитален асистент, според Ковачевки, ќе значи забрзување на процесите на давање услуги на заинтересираните граѓани и претставниците на компаниите, коишто ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано, во текот на 24 часа.
Светските трендови се развиваат во правец на развивање и се поголема примена на вештачката интелигенција, која е навлезена во сите сфери од живеењето, преку склопување на машини и модернизација на процесот на производство, се до помош во домовите, па дури и создавање на дела и креации кои порано биле можни единствено со помош на човекот. Можностите кои ги нуди вештачката интелигенција се неограничени. Употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликува и применува и во јавната сфера, како и во работењето на нашите институции, рече Ковачевски, наведувајќи дека по онлајн плаќањето на сметките и вадењето на лични документи по електронски пат, во моментов се работи и на електронски ИД за граѓаните на земјава.
Тој најави дека ќе продолжи поддршката на поголем број иновативни иницијативи.

Лани имавме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, почнувајќи од 2017 година, кога и почнавме со оваа програма. Со цел да ги олесниме административните процедури, од 2020 година креиравме и one stop shop за инвестиции. Сето ова го правиме со цел да помогнеме на домашните и странските инвеститори, да придонесеме за поголема конкурентност и ликвидност на компаниите, а преку тоа и во развојот на домашната економија. И тоа во услови на економска и енергетска криза, со цел, полесно да се справиме со предизвиците и да не дозволиме нарушувања и големи пореметувања во домашната економија рече Ковачевски.

 

Директорот на ФИТР истакна дека проектот финансиран од Фондот по спроведен избор на објавен повик вреден девет милиони денари и изработен од домашната компанија, е само почеток на иницијативите од овој вид кои ќе нудат поефикасна комуникација со домашни и меѓународни компании заинтересирани за инвестиции.

Фактот што досега имаме кофинансирано над 66 милиони евра и над 30 милони евра од самите компании кои се наши корисници за развој на преку 1000 проекти и 1,5 милони евра за развој на три акцелартори кои оперираат во нашата држава јасно говори дека ФИТР е институција која е меѓу водечките мотори на развојот на државната економија и поддршката на бизнис екосистемот во државата, рече Халили.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу истакна дека во поддршка на процесот на дигитализација на сервисите во јавната администрација Министерството подготвува неколку национални стратегии меѓу кои и стратегијата за ИКТ, како и за сајбер безбедност, а формирана е и работна група за креирање на Агенција за дигитализација која ќе ги имплементира тие стратегии. 

Вицепремиерот Битиќи, кој и официјално ја стартуваше примената на првиот дигитален асистент – АДА, истакна дека таа е одговор на Извештајот на Стејт Департментот за борба против корупцијата кој се однесуваше на делот за делење државна помош и поддршка на инвестиции каде се наведува дека транспарентноста е клучна за сузбивање на појавата на корупција и дека елиминацијата на истата треба да биде императив на Владата.

Вториот предизвик што беше личен, како претседавач на Советот за стартап екосистемот беше како да им помогнеме на домашните компании навистина да покажат тоа што го знаат и резултатот е АДА – креирана од домашна стартап компанија – Кодвел, рече Битиќи.      

 АДА ќе биде достапна 24 часа (ada.gov.mk), ќе може да услужува неограничен број корисници во исто време, и ќе дава исти информации за да се исклучи манипулација со тие информации. Во прво време таа ќе нуди информации за граѓаните и потенцијалните инвеститори при што ќе биде достапна на веб страниците на Владата, ФИТР, ТИРЗ и Инвест Македонија. Една од главните услуги е презентација на РСМ како поволна бизнис дестинација, а ќе може да препорача и персонализирана финансиска поддршка. Таа ќе креира и извештај за инвестирање за мерките од интерес кој му се испраќа на потенцијалниот инвеститор и ќе се користи како почеток за преговори, а до вработените во Владата ќе испраќа подготвени профили за инвеститорите.

Потенцијалите на проектот се огромни, а во наредните фази АДА ќе може да се интегрира во другите институции за давање услуги како во Царинската управа, е-услуги итн. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ