сабота, 27 јули 2024

Абдуљфета Алими е првиот од осудените за 27 април кој излегува од затвор

Објавено на

часот

Сподели

Абдуљфета Алими доби 7 години затворска казна, а минатата година со одлука на претседателот на Македонија Стево Пендаровски е помилуван, со што наместо кон крајот на годинава, на слобода излегува од денеска.

Алими за време на судењето се бранеше дека постапил според наредбите на хиерархијата, а беше обвинет дека овозможил да биде отворена вратата на Собранието по што влегува маса луѓе која надворе протестираше.

Тој како член на собраниското обезбедување, доби казна речиси за половина пониска од останатите обвинети за истото кривично дело, а образложението на судијката Добрила Кацарска беше дека тој го спасувал пратеникот Зијади Села, но сепак пред ова, презел дејствија со кои, според судот, го сторил кривичното дело. 

17 лица осудени за 27 април (заедно со Сашо Марковски, за кого постапката беше одвоена) се во неколку затвори во земјава. Митко Чавков, носителот на златната команда и раководител на оперативниот штаб, е во затворот во Штип. Таму се и полицаецот Митко Пешов, Душко Лазаров, полициски службеник со долгогодишно искуство, полицаецот Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Младен Додевски, Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митровски – Кољо.

Во затворот во Штип неколкумина од осудените се и работно ангажирани, односно полицаецот Митко Пешов работи во пералната за алишта, Оливер Поповски работи во училницата за компјутери, односно ги обучува осудените лица со основни познавања од компјутерите, Ченто работи во затворската библиотека и води евиденција за тоа кој од осудените лица зема и враќа книги, Додевски е работно ангажиран во кујната, а Пепиќ и Трајковски во резбарското одделение.

Во затворот во Прилеп се Горан Ѓошевски – Леви, Игор Југ и Вилијам Михајловски, а во најголемиот затвор во државава од оваа постапка се само Сашо Марковски и Абдуљфета Алими.

По Абдуљфета Алими, кој е првиот од вкупно 17 што ќе излезе на слобода до крајот на годинава, на слобода треба да излезе Нинџа. Василевски затворот треба да го напушти на 11 јуни 2025 година.

Овој осуден прво беше во затворот во Штип, а кон средината на јули 2021 година беше префрлен во специјалното одделение за лица со висок ризик во затворот во Шутка. Ова одделение го чуваат специјалци, а од август 2022 година тој е во отвореното одделение, од каде што оди да работи, а навечер се враќа во затворот за да преспие.

Во почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа учесници во упадот во парламентот, а некои и во нападите врз пратениците на актуелната власт.

Но по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица, а за еден обвинет, односно за Сашо Марковски, поради болест постапката беше одвоена.

                                                                                                                                             П.Џ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ