Денес во Њујорк ќе се случи „милионитата“ рунда (не знам дали некој уште ги брои) од разговорите за името помеѓу Македонија и Грција со посредство на ОН. Вевчанци пред два дена на карневалот го запалија грчкото знаме, во знак на протест поради апсурдниот однос на Грција кон Македонија. А сепак, на „македонскиот“ дел од Твитер Македонци водат жестока расправа за тоа колку безобѕирно и нецивилизирано постапиле вевчанците со тој акт.
Истовремено грчкиот министер за надворешни работи подготвува официјална протестна нота до македонската влада, жалејќи се поради споменикот „Порта Македонија“. Овојпат причина за тоа се приказите на споменикот, кои содржеле „јасен знак на иредентизам и се спротивни на секоја форма на добрососедски односи“. Протестната нота се концентрира на релјефот што го прикажува присилниот егзодус на Македонците од егејскиот дел на Македонија за време на Грчката граѓанска војна, затоа што за Грција егзодусот не е историски документиран настан. А на „македонскиот“ дел од Твитер за ова воопшто не се ни води расправа.
Не ја знам расправата на „грчкиот“ Твитер откако грчката војска на официјална парада пееше „од кожите на скопјани ќе правиме тапани“, ама по логика можам да насетам дека грчките твитерџии сигурно не ја осудиле својата војска за „безобѕирен и нецивилизиран акт“, туку напротив, сигурно „патриотски“ ја охрабриле во тој нејзин изблик на „добрососедски односи“.
Познавајќи го решителниот став на сегашната македонска влада, како и цврстиот став на сите минати, сегашни и идни грчки влади за грчкиот проблем со македонското име, во Њујорк ќе се случи само уште едно досадно продолжение на серијалот. Единствената разлика овојпат ќе биде пресудата од Хаг во ташната на македонскиот преговарач Зоран Јолевски, како уште еден правен аргумент во однос на македонската одбрана за неменување на името.
Но очигледно веќе многу одамна е јасно дека тука не се работи за правото и правдата, туку за политика на сила и насилство, за политика што не ги почитува сопствените запечатени принципи, норми и закони, за одлуки на голем број меѓународни организации (ОН, ЕУ, НАТО…), кои само носат декларации за почитување на основните човекови права, а не ги спроведуваат… Се работи за политика што му дава легитимитет на барањето на Грција не за промена на името Македонија, туку за промена на народот, на неговиот јазик, на неговата историја… едноставно на барањето да нè снема.
Во една ваква атмосфера, што може да се очекува од денешната или од задутрешната или од којзнае која следна рунда. Ништо. Потребен е навистина еден цивилизациски прескок кај сите, следење на општите актуелни промени во принципите на функционирањето на светот, без горни и долни, без мали и големи, без учители и ученици… за да може да очекуваме некаква позитивна промена.
А дотогаш? Дотогаш ништо. И без ЕУ и без НАТО се живее, што не значи дека треба да ги заборавиме критериумите (оние вистинските, а не политичките) за исполнување на нивните стандарди и да работиме на надминување на нивните забелешки.