OКХA цитираше информации од Израел и од гарантите за прекинот на огнот – САД, Катар и Египет. Во неделата, ОН соопштија дека околу 630 камиони влегле во палестинската енклава, од кои најмалку 300 отишле на северот.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас – кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација – предвидува дека најмалку 600 камиони можат да носат помош во Газа секој ден од првичниот шестнеделен прекин на огнот, вклучително и 50 камиони со гориво.
Податоците на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) покажуваат дека 2.892 камиони со помош влегле во Појасот Газа во декември. Помошта се доставува на страната на границата на Појасот Газа, каде што ја земаат и дистрибуираат ОН.
Сепак, бандите и разбојниците ја отежнуваат работата. Податоците на ОКХА покажуваат дека помош од 2.230 камиони – во просек 72 дневно – била собрана во декември, додека од 1 до 5 јануари дневниот просек бил 51.
Израел уништи голем дел од Појасот Газа за време на својата воена операција, додека повеќето од 2,3 милиони луѓе што живееја таму беа постојано раселувани. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја опиша хуманитарната ситуација како „катастрофална“.
Гутереш во понеделникот пред Советот за безбедност на ОН изјави дека ОН продолжуваат да се соочуваат со „значајни пречки, предизвици и ограничувања“. Тој рече дека на ОН, на хуманитарните групи и на приватниот сектор им треба брз, безбеден и непречен пристап до Појасот Газа.
Гутереш, исто така, рече дека Израел и Хамас мора да се координираат со ОН навремено и ефективно за да можат да ја извршуваат својата хуманитарна работа. „Ова, исто така, вклучува воспоставување јавен ред и безбедност за да се спречи грабежот на хуманитарните резерви“, додаде тој.
Војната во Појасот Газа почна по нападот на членовите на Хамас на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел, кога, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе. Во последователните израелски напади, според податоците на палестинските здравствени власти под контрола на Хамас, загинале повеќе од 47.000 луѓе.