сабота, 27 јули 2024
Пресуда за родосквернавење на Основниот кривичен суд Скопје

9 години затвор за скопјанец: Ја силувал ќерката, ја терал орално да го задоволи, па се правдал дека му било тешко оти бил на гробот на сопругата

Објавено на

часот

Сподели

„Во 2 часот по полноќ таткото ѝ се нафрлил на својата ќерка, насилно ѝ ги соблекол пижамите и џемперот и откако ја соблекол неа, ги соблекол и своите панталони и почнал сексуален однос со неа. Ќерката се противела и постојано го туркала, но не успеала да го оттргне. Таткото продолжил со сексуалниот однос со оштетената, ја фатил за коса и насилно ја терал орално да го задоволи.“

За време на кривичното дело родосквернавење, во пресудата стои дека таткото бил пијан и во состојба на битно намалена пресметливост. Пред судиите да ja донесат одлуката, тој ветил дека никогаш повеќе нема да го повтори делото, признал што сторил, кажал дека се кае и побарал да му дадат поблага казна.

Во неговото образложение кажал дека тој ден бил на гробот на својата сопруга, го чистел споменикот, па го преплавиле емоции, многу се насекирал, се вратил дома и почнал да пие. Се бранел дека испил многу, дека е семеен човек во зрели години, кој живее под кирија и се грижи за своите деца, ги прехранува и дека неговата ќерка по смртта на мајката доживеала голем стрес и се лекувала во здравствена установа.

Обвинителот во оваа постапка, Анел Фидоски, во завршниот збор имајќи го предвид фактот дека обвинетиот М.Г. го признал кривичното дело побарал од судот пред да донесе одлука да го земе предвид фактот што ова кривично дело е сторено спрема крвен сродник, односно ќерка.

Адвокатот на обвинетиот за родосквернавење од судиите барал на обвинетиот да му изречат најблага можна казна, односно да се искористи можноста да му биде изречена казна задолжително лекување во психијатриска установа, каде што ќе му била дадена стручна помош, која ќе му помогне да се оттргне од алкохолот и во иднина повеќе да внимава на своите постапки и да се грижи за своето семејство.

Но судијката Александра Ристеска при определувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, ги имала предвид сите околности предвидени во членот 30 од Кривичниот законик што се од влијание и индивидуализација на казната.

„Како отежнувачки околности ги ценеше асоцијалното однесување на обвинетиот што го покажал извршувајќи го кривичното дело и останатите отежнувачки околности предвидени во член 39 став 2 од КЗ, пред сѐ општествената опасност од извршувањето на овој вид кривични дела, природата, карактерот, начинот на преземање дејствија од негова страна за кои знаел дека се противправни
и казниви, кога насилно и без нејзина волја, ја присилил жртвата што е крвен сродник во прва линија – негова ќерка на сексуален чин со него, видот и јачината на загрозувањето или повредата на заштитеното добро – односно, диходомната природа на објектот на заштита на ова кривично дело, кое се состои во заштита на слободата на личноста во половите односи како примарен објект на заштита на овој вид кривични дела, а од друга страна моралот, кој иако буквално значи обичај, во себе содржи највисоки морални погледи и сфаќања за дозволеното и недозволеното во сферата на половите односи во едно општество, тежината на стореното кривично дело, високиот степен на кривичната одговорност на обвинетиот за кривичното дело, кога извршил обљуба со крвен сродник во прва линија – неговата ќерка и штетноста на последиците од истото“, стои во пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.

Пресудата вели дека тоа кај жртвата предизвикало физичка болка и психичко страдање, а дека оштетената најавила отштетно побарување и се приклучила кон кривичен прогон спрема обвинетиот.

„Доведени во корелација со личните прилики на обвинетиот, како олеснителни околности (судијката) ги ценеше неговата возраст во смисла дека е возрасна и зрела личност, вдовец, семејна личност, со оформено потесно семејство, татко на две деца, за кои се грижи и ги издржува, а е безимотен и невработен, податокот за неговата неосудуваност како и тоа дека против него не се водат постапки за други кривични дела, потоа го ценеше и даденото признание за вина од обвинетиот, дополнето со силно изразеното каење за стореното, како и ветувањето дека во иднина нема да го повтори ваквото казниво поведение.“

Така, судот на обвинетиот му изрече казна затвор во траење од 9 години, се вели во пресудата.
Во конкретниот случај делото е сторено во состојба на битно намалена пресметливост, утврдена и во заклучокот од вештиот наод и мислење на психијатар д-р Александар Марцикиќ, кога кај обвинетиот постоела некоја од биолошките основи на непресметливост, така што е констатирана хронична психичка болест во вид на токсикомански алкохолизам, што битно ја намалува способноста за расудување и за управување со своите постапки.

Следствено на наведеното, битно намалено пресметлив сторител е пресметлив, тој е способен за вина, бидејќи биолошката основа на непресметливост има послаб интензитет и не ја исклучува неговата интелектуална и волонтаристичка способност. Битно намалената пресметливост не ја исклучува вината, но го намалува степенот на вина, што резултира со можност за поблаго казнување. Оттука, судот ќе истакне дека со посебно внимание го ценел токму овој институт-битно намалена пресметливост, пред сѐ во насока како особено олеснителна околност, меѓутоа не и во насока на оправдување на противправното дејствие кое го презел обвинетиот, родосквернавење (Incestus) како едно од најтешките злосторства врз половата слобода и половиот морал.

Оваа пресуда е изречена неколку месеци по сторувањето на кривичното дело, а обвинетиот е на издржување на затворската казна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ