сабота, 27 јули 2024

70 бивши американски функционери бараат од Бајден да биде построг кон Израел

Речиси 70 поранешни американски функционери, дипломати и воени офицери синоќа го повикаа американскиот претседател Џо Бајден да го предупреди Израел за сериозни последици доколку ги ускратува граѓанските права и основните потреби на Палестинците и го прошири населувањето на окупираниот Западен Брег.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„САД мора да бидат спремни да преземат конкретни активности за да им се спротивстават на таквите практики, вклучително и ограничувања на американската помош за Израел во согласност со американскиот закон и политика“, се вели во отвореното писмо до Бајден.

Меѓу потписниците има повеќе од десетина поранешни амбасадори, како и други пензионирани функционери на Стејт департментот и поранешни функционери на Пентагон, на разузнавачките служби и на Белата куќа.

Писмото го нагласува растечкото незадоволство во Соединетите Држави поради израелските операции против владејачката милитантна група Хамас во Појасот Газа, што беше предизвикано од нападот на Хамас врз Израел во октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и зедоа 253 заложници.

Голем дел од Газа е уништен, а според здравствените власти во Газа, речиси 32.000 Палестинци се убиени. Обединетите нации велат дека населението од 2,3 милиони луѓе има малку храна, вода и засолниште, а недостигот од храна во некои делови го надминува нивото на глад.

Во писмото поранешните функционери велат дека воената операција на Израел против Хамас е „неопходна и оправдана, но обележана со постојано кршење на меѓународното право“, кое забранува неселективно убивање и употреба на оружје што не прави разлика меѓу борците и цивилите.

„Десетици илјади цивили во Газа се убиени, повеќето жени и деца. Убиството на цивили од ваков карактер и размери не може да се оправда“, додава групата.

Израел негира дека неговите операции го прекршуваат меѓународното право.

Групата силно го поддржа повикот на Бајден за итен прекин на огнот од најмалку шест недели, воспоставување сигурен систем за испорака на хуманитарна помош и ослободување на заложниците, а потписниците исто така ја повикаа израелската војска да функционира во согласност со меѓународното право.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ