Реагира и стручната јавност со сугестии да се зачува стариот објект, наспроти авторите, кои силно ги бранат понудените пет решенија ставени на гласање на владиниот сајт. Бурна и жестока расправа, која кулминира со повик за архитектонско востание, се води на социјалната мрежа Фејсбук. Реакциите против обновата одат до таму што предложената реконструкција се поистоветува со чин на „сквернавење на објектот како резултат на самоволието на владетелот“. Во граѓанскиот револт на Фејсбук сè уште нема стручни аргументи против обновата на владината зграда на Илинденска б.б.
За тоа во „Утрински весник“ се изјасни авторот на објектот Петар Муличковски, кој се спротивстави на идејата за какви било интервенции на зградата. Тој ваквата изјава ја одбрани со ставот дека станува збор за препознатлив белег на градот по некогашната авангардност, но и по модерниот изглед и по 41 година. Авторот нагласува дека би се согласил да се интервенира во објектот само во еден случај – ако работата му биде доверена нему. Во спротивно, повикувајќи се на своите авторски права, вели дека нема да дозволи ништо да се менува.