сабота, 27 јули 2024

Ем скапа храна, ем субвенции, ем фалби

Храната е скапа. Нема работници, а и тие што работат се возрасни. Земјоделците добиваат субвенции. Висината на субвенциите се користи за политичка реклама. Земјоделството е неконкурентно и нема ниту домашни ниту странски големи компании. Постојат решенија, ама бараат време, вистинска промена на моделот на субвенции, односно напуштање на социјалната компонента.­­­

Објавено на

часот

Сподели

177.845 индивидуални земјоделски стопанства, односно семејства, и 280 деловни субјекти не можат да прехранат 1.836.713 жители на Македонија коишто се распоредени во 598.632 домаќинства. Дека имаме проблем да обезбедиме храна од домашно производство дојде до израз за време на енергетската криза, кога се зголеми инфлацијата во светот и во Македонија, при што најмногу се покачија цените на храната, а државата не можеше да интервенира со поттикнување на поголемо производство.

Бројките покажуваат дека цените на храната растеа повеќе отколку општиот индекс на трошоците за живеење.

Од податоците на Државниот завод за статистика може да се види дека на годишно ниво лани сме јаделе поскапа храна за 20,9 %, а годинава до ноември поскапа за 12,69 %. Трошоците, пак, за храна во ноември годинава минимално паднале во однос на октомври годинава.

Зошто млечните производи драстично поскапеа?

За Јован Дабевски, поранешен бизнисмен во млечната индустрија, ова не е изненадување. Тој очекува намалување на цените на тврдите млечни производи, како кашкавалот и сирењето, од Нова Година, и тоа за околу 10 насто.

„Мислам дека следната година ќе имаме нешто поевтин. Толку евтин колку што беше до пред две години не, ама поевтин од денешнава цена“, изјави Дабевски.

Сепак, тој вели дека на среден и долг рок тешко може да се очекува дека ќе имаме евтина храна. Цените ќе си останат на слично ниво, а причината зошто нема да имаме евтино производство е поради поскапите надворешни трошоци за производство на храна, расцепканоста на земјоделските парцели, поради кои не е можно современо, продуктивно и конкурентно земјоделство, но пред сѐ, затоа што снемува земјоделци. Веќе никој не се занимава со оваа работа.

Јован Дабевски, поранешен бизнисмен во млечната индустрија:

„Белата чума владее кај нас. Си одат луѓето од територијата на Балканот генерално, па и од Република Македонија. Оттука, покрај тоа што ни снемува луѓе во сите сфери, снемува и земјоделци. Така, паѓа земјоделското производство на сите земјоделски култури, па така и на сировото млеко. Оттука станува млекото поскап производ.“

Ако се видат податоците во Структурно истражување за земјоделските стопанства – 2016 година на Државниот завод за статистика, најмногу македонските земјоделци се над 54-годишна возраст. Дури 42,2 %. До 34-годишна возраст се само 21,5 %.

Со поскапо сирење до помала зависност од субвенции

Дека нема кој да работи потврди и Скендер Аме, кој во Дебар чува 600 овци. Вели дека го повикал син му од Германија за да може да го одржат семејниот бизнис. Синот, заедно со овчарите коишто сѐ потешко се наоѓаат како работна сила, секојдневно, додека дозволуваат условите, ги пасе овците.

Аме вели дека цената на килограм сирење од над 600 денари за првпат по подолго време придонело да не зависат од државните субвенции и да можат да имаат посериозни инвестиции, како нова мандра каде што се прави сирењето. Но, вели и дека тоа што се добива од државата не е доволно.

Скендер Аме, одгледувач на овци и производител на сирење:

„Треба да се зголемува висината за продадено јагне. На пример, минатата година добивме 400 денари на грло јагне, што значи многу малку пари за едно предадено јагне. Тоа што значи, ни пет насто од трошоците што ги имам дадено за јагнето не ги платија. За лактација на плодна овца што ќе произведува јагне и млеко, тоа е многу добро што се плаќа, но многу малку е. Ние баравме да се плаќа три илјадарки на грло овца, но државата дали ќе ни одобри 2.500, а тоа не е добро.“

Инаку, за грло овца се дава 1.000 денари субвенција, за задржано женско јагне 700 денари, за заклано јагне 400 денари и за секој произведен и предаден литар овчо млеко 4,5 денари.

Аме вели дека добар дел од субвенциите за овчарството во минатото завршувале во погрешни раце, додавајќи дека доцнењето на исплатата на овие пари предизвикува ризици за бизнисот затоа што овците треба да јадат секој ден.

Субвенциите во земјоделството функционираат од 2007 година, кога е формирана Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, попозната и како Платежна. Целта беше со пари од буџетот да се развие земјоделството и да се постигнат неколку општи цели:

ДРЖАВНИ ОПШТИ ЦЕЛИ ЗА РАЗВОЈ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

  • Поддршка на доходот на земјоделците
  • Обезбедување доволно храна за населението
  • Рационално искористување на земјиштето
  • Еколошки критериуми
  • Конкурентност на земјоделството

За 16 години субвенции, грубо пресметано, од буџетот се издвоени околу една и пол милијарда евра.

  • За жал, за годините од 2007 до 2013 не можеше да се обезбедат бројките, бидејќи и покрај укажувањето до надлежните во Министерството и до самиот министер Фатмир Бесими, кој лично се противеше на тоа што му го кажувам, дел од документите за буџетите подолго време се недостапни на нивната веб-страница.

Субвенциите за фалби на политичарите

Инаку, субвенциите и нивната висина постојано се користат од сите политички партии на власт за да се укаже дека со парите од граѓаните се развива земјоделството.

Додека политичарите и партиите се фалат со субвенциите, податоците велат дека државата од една страна го зголеми извозот на храна, но драстично го зголеми и увозот. Па така, во последниве седум години, и покрај 827,5 милиони евра дадени за субвенции, за чист, нето-увоз на храна и живи животни сме дале две милијарди и 407 милиони евра.

Субвенциите се социјална, а не развојна мерка

Универзитетскиот професор на Земјоделскиот факултет во Скопје, Драги Димитриевски, вели дека со субвенциите во земјоделството се постигнало само едно, а тоа е да се зголеми доходот на земјоделците.

„Од сите овие општи цели ние сме создале мерки за исполнување на само една цел: за обезбедување доход на земјоделските стопанства. Ако се анализираат приходите на земјоделските стопанства, и најголем дел од доходот, меѓу 30 и 70 %, доаѓа од субвенции“, вели професорот Димитриевски.

Тој пластично додаде дека кај 437.318 лица во домаќинствата, кои се ангажирани во индивидуалните земјоделски стопанства, субвенциите се користат за плаќање сметки, купување храна и останати дневни потреби за нормален живот, а не за инвестиции.

Останатите четири општи цели, меѓу кои можеби клучна е конкурентноста на македонското земјоделство, со што би било реално доходовно и би привлекло ем инвестиции ем нови работници, пред сѐ од помладата генерација, која ќе сака да има пари, не се постигнати.

Димитриевски во субвенциите гледа чисто социјална, а не развојна категорија, па затоа смета дека треба да се смени моделот на поддршка на земјоделството.

„Меѓутоа, мислам дека е краен момент веќе да седнеме сите, почнувајќи од тоа што го работи науката, и насоките да се почитуваат. Македонското земјоделство мора да претрпи сериозни промени. … Мора да се почитуваат знаењата пред сѐ, мора да почитуваат научните сознанија, мора поинаку да се пристапи во субвенционирањето, сѐ со цел – јас не велам дека брзо ќе ги промениме овие состојби, во земјоделството нема брзи решенија. Решенијата ќе бидат на релативно подолг рок, меѓутоа мора да се започне“, вели професорот Димитриевски.

Решенија

И Дабевски и Аме и Димитриевски се согласуваат за едно. Државата, односно која било идна влада, мора итно да го реши проблемот со земјоделското земјиште и да го окрупни.

Дабевски смета дека не би било проблем тоа и да се продава за да се привлечат странски инвеститори коишто ќе донесат знаење и ќе ја подигнат конкурентноста во производството на земјоделските производи. Вели дека е доволно да дојде една странска голема компанија, па и голем број македонски граѓани ќе се охрабрат да инвестираат во современо производство. Аме од Дебар, кој се бори да ја купи секоја педа земја за да има храна за овците, вели дека мора да се донесе одлука за користење државно земјиште за да може да конкурираат само земјоделци коишто знаат што да прават со неа.

Димитриевски, пак, исто така вели дека мора да се окрупни земјоделското земјиште, ама е против продажба, но затоа, пак, смета дека државата мора да најде начин како да ги внесе во игра големите агрокомбинати коишто ќе можат да инвестираат во нови земјоделски технологии и ќе бидат конкурентни. Смета дека итно треба да се развие и задругарството, како и поголем дел од парите да се наменат за рурален развој наместо за субвенции, со што помладата популација ќе почне да гледа економски интерес во земјоделството и останувањето на село.

Молк

Ако мислите дека недостига ставот и на Министерството за земјоделство, него го нема бидејќи еден месец, по првичниот контакт и испратените теми за кои би разговарале, го одбегнуваа секој контакт со новинарот.

Затоа ставот на Министерството не можеме да го спротивставиме со ставот на професорот Димитриевски, кој смета дека субвенциите се социјална, а не развојна мерка, дека нема промена на моделот за субвенционирање, со најавата деновиве за авансно исплаќање на субвенциите и поддршка и на засеани површини и предаден род не е новина.

Можеби од Министерството не сакаа да ги коментираат и бројките зошто и покрај субвенциите, бројот на говеда, овци и живина толку многу се намали.

А можеше да се одговори и на прашањето зошто Албанија не субвенционираше доход на земјоделците, туку даваше пари за инвестиции во оранжерии за раноградинарски производи, по што последниве години го преплави македонскиот пазар со тоа, со кое државава беше препознатлива во поранешна Југославија, раниот домат, краставица и пипер.

Горан Теменугов

„Оваа сторија е изработена во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.“

#икс #користифакти

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ