Од 2004 година, ОМД помага и/или донира над 1,5 милиони американски долари во добротворна и хуманитарна помош за Македонија.
Речиси шест тони опрема и материјали, вклучувајќи системи за респираторна нега, маски за кислород, хируршки материјали, хируршки инструменти, ортопедски предмети, гази, завои, кревети за интензивна нега, патерици, инвалидски колички и дијагностички алатки беа донирани од World Medical Relief. ОМД и медицинската мисија Dattilio ги покриваа трошоците поврзани со превозот и логистиката од Мичиген до Македонија преку пристаништето Драч, Албанија.
Вчера, директорот на ОМД за Македонија и Европа, Гордан Јорданов, ја посети болницата, ги обиколи објектите и беше сведок на придобивките од оваа донација на медицинска опрема и материјали кон градот Битола и пациентите на болницата. На Јорданов му се придружија министерот за здравство на Македонија Фатмир Меџити и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Директорката на битолската болница Елизабета Ивановска изрази најдлабока благодарност до World Medical Relief, ОМД и до медицинската мисија Dattilio, велејќи дека опремата е од големо значење за болницата и дека со неа, нивото и квалитетот на здравствените услуги и здравствената заштита за пациентите од целиот регион ќе се подобрат. Ивановска истакна дека после долги години битолската болница доби донација од ваков тип.