вторник, 22 октомври 2024

32 години македонска Армија

Во Центарот за обука на вода во Охрид, денеска со почеток во 10 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв ќе се одржи централната свеченост по повод 18 август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање. За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на Народно ослободителната борба на Македонија, на борбата на партизаните против фашистичките окупатор во Втората светска војна и за формирање на слободна македонска држава.

Објавено на

часот

Сподели

Обраќање на свеченоста ќе имаат претседателката на Македонија и врховен командант на оружените сили, Гордана Сиљановска Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски. На свеченоста ќе се изврши и церемонија на примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата како и обраќања на досегашниот началник на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и новопоставениот началник на генералштабот,  генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Се очекува присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министрите, на  пратеници, како и на поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, на пензионирани генерали, потоа високи гости од повеќе институции, командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и на дипломатскиот кор.

Одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија почна во петокот со традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана на платото пред министерството и Генералштабот, а со воени церемонии празникот се одбележа и во командите и единиците на Армијата во сите касарни.

По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.

Процесот за формирање на современата македонска Армија започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на Југословенската народна армија  – ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Македонската Армија денес е составен дел од НАТО, откако државава стана членка на воената алијанса во март 2020 година.

Од Министерството за одбрана потенцираат дека  Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата. Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата. Во расходите за одбрана, меѓу останатите, се вклучени и трошоците за други сили финансирани преку буџетите на други министерства, покрај оние од Министерството за одбрана, како и средствата директно исплатени од државата за пензии на воените лица и цивилите што биле вработени во воените структури, за мировни и хуманитарни операции, за уништување на оружје, опрема и муниција и за истражување и развој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ