сабота, 19 октомври 2024
Уште една јапонска донација

300 илјади евра одвои Јапонија за три здравствени установи, за едно училиште и за здрава околина

Пет договори за  „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ во вредност од над 300.000 евра од Владата на Јапонија беа потпишани попладнево во Скопје кои се наменети за три здравствени јавни установи, едно училиште и една општина.

Објавено на

часот

Сподели

„Со овие пет проекти ќе придонесеме за подобрување на здравствените услуги за пациентите, образовната средина за учениците и поздрава животна средина за сите. Во рамки на иницијативата на Западен Балкан Јапонија е силно посветена да ја поддржи Република Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за интеграцијата во ЕУ. Јапонскиот народ е среќен и горд што може да помогне на македонскиот народ“, рече амбасадорот Казуја Оцука обраќајќи се на македонски јазик.

Амбасадорот Оцука истакна дека со оваа церемонија се прославува силното пријателство мнеѓу двете земји кое трае веќе 30 години и се реафирмира поддршката која Јапонија ја дава за унапредување на помошта во областите како здравство, образование и животна средина.

На церемонијата за потпишување на договорите која беше отворена од јапонскиот амбасадор Оцука, се обратија првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во улога на национален координатор за распределба на странска помош во државава, министрите за надворешни работи, Бујар Османи, за здравство, Илир Демири, и за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

„Показател за одличната соработка која ја негуваме со Јапонија и јапонската амбасада се бројните реализирани проекти во областа на здравството и вредните инвестиции кои досега се реализирани во над 70 јавни здравствени установи низ целата држава“, рече министерот за здравство, Илир Демири.

Вицепремиерот Маричиќ изразувајќи благодарност истакна дека јапонската помош е постојана, искрена и голема, а проектите во рамки на грант програмата за мали проекти за човекови потреби, иако мали сепак тие се бројни и многу важни бидејќи директно влијаат на квалитетот на животот на граѓаните и унапредувањето на јавните услуги во кои сите граѓани имат пристап.

„Важен јубилеј оваа година е одбележувањето 30 години дипломатски пријателски односи со Јапонија, додека поддршката од Јапонија датира токму уште од самото осамостојување на Северна Македонија или Македонија во тоа време. Во овој период Јапонија има обезбедено голема поддршка и преку официјалната развојна помош во повеќе значајни сектори за граѓаните, вредна над 265 милиони евра од даночните обврзници на Јапонија. Нашата цел е сигурно одлучно и во стабилни услови да ја водиме државата напред и по европскиот пат и да станеме дел од ЕУ до 2030 година. Но исто така целта ни е со нашите пријател како што е Јпанија да градиме силни врски и оваа помош да биде еден дополнителен и силен мост помеѓу нашите народи и нашите држави“, истакна Маричиќ.

Во видео обраќање на церемонијата шефот на дипломатијата Бујар Османи го истакна значењето на потпишувањето на Договорот за техничка соработка, во 2022 година меѓу двете земји  што претставува значајна основа за унаредување на соработката во различни домени и секако и за олеснување на можностите за имплементација на јапонската билатерална поддршка.

Со петте проекти се обезбедуваат дигитаслен рентген за ЈЗУ Здравствен дом Неготино, набавка на комунално возило за Општина Ранковци, Ултразвук за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, реконструкција на покривот на ОУ „Раде Кратовче“ во Општина Кочани и подобрување на објектот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје.

Од 1996 година преку проектите од Програма за мали грантови (ГГП), Јапонија има финансирано 182 проекти во вредност од 9,2 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ