сабота, 27 јули 2024

30 идни офицери дадоа заклетва, Петровска им порача дека отсега безбедноста е во нивни раце

Триесет млади луѓе, идни офицери на Армијата денеска на Воената академија во Скопје дадоа свечена заклетва, по што ќе започнат со нивното школување на Воената академија, соопштија од Министерството за одбрана.

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето по овој повод, на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери им порача дека оваа заклетва преставува нешто многу повеќе од изговорените зборови и дека ја симболизира нивната непоколеблива посветеност на кауза што е поголема од нив самите.

„Како идни офицери, ќе ја носите тежината на одговорноста на вашите рамена. Ќе бидете повикани да водите со храброст, интегритет и разбирање. Ќе ви бидат доверени животите на оние кои ќе бидат под ваша команда, а одлуките што ќе ги донесете ќе имаат големо влијание врз нивната благосостојба но и безбедноста на нашата татковина. Затоа посветено и внимателно учете ги содржините за време на курсот, усовршите ги своите вештини, а вашата цврстина и посветеност нека ги надминат сите предизвици“, им порача Петровска на слушателите на Курсот за стручно оспособување.

На идните офицери кои доаѓаат од различни бранши таа им упати благодарност што одговориле на повикот и им порача дека нивната храброст и посветеност на должноста го претставуваат најдоброто од Македонија. Идните офицери, потенцира Петровска, не се сами на патот кон стекнување на првиот офицерски чин.

„На ова патување не тргнувате сами. Имате целосна поддршка од вашите колеги, вашите професори и нашата земја која длабоко ја цени вашата жртва и служба. Вие станувате дел од заедницата, дел од семејството“,  истакна Петровска.

Деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски нагласи дека Академијата, именувана по генералот Михаило Апостолски, е симбол на патриотизам, храброст и издржливост.

„Наследството на генерал Апостолски е инспирација за сите што се дел од оваа институција и нè потсетува на жртвите положени за нашата слобода и независност“, истакна Богдановски.

Тој додаде дека со давањето на свечената заклетва, идните офицери гордо презеле одговорност и целосна посветеност на одбраната и безбедноста на македонските граѓани и на сојузниците.

На денешната свеченост присуствуваше и командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници од Воената академија, останати гости од Министерството за одбрана и Армијата, како и  членови на семејствата на слушателите на курсот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ