понеделник, 13 мај 2024

27 април седум години потоа: Осудените за едни уставобранители, за други терористи

Пред седум години на денешен ден се случи упадот во Собранието, кој и по толку години за едни е „крвав четврток“, а за други партиотски чин за одбрана на татковината. Упадот се случи на 27 април 2017 година околу 19 часот кога маскирани лица беа пропуштени од собраниското обезбедување и упаднаа во салата за новинари. Настанот резултираше со агресија и дивеење на демонстрантите, кои физички нападнаа повеќе пратеници и новинари. Со тешки телесни повреди се здобија Зоран Заев, Зијадин Села, како и Радмила Шекеринска. Оние кои влегоа во Собранието за едни беа терористи, а за други уставобранители.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Дел од осудените кои се во затвор и кои добија високи казни од судијката Добрила Кацарска, пред неколку дена по објавувањето на резултатите од првиот круг претседателски избори во кои победи Гордана Сиљановска Давкова, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, порачаа дека правдата за овој предмет ќе дојде.

За овој настан беа отворени два предмети, еден за оние кои, според обвинителниот акт биле извршители на овој насилен чин, а другиот во кој им се судеше на т.н. организатори на „27 април“. На една група и се судеше за тепањето на Зијадин Села.

Кривичниот суд во март 2019 година донесе пресуда за предметот за настаните во Собранието од 27 април. Од повеќето обвинети само Игор Дурловски доби ослободителна пресуда.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, беше осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски  добија затворска казна од 15 години.  Оливер Поповски беше првостепено осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Петнаесет од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.

Со 95 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието на 18 декември, 2018 година го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.

Во февруари 2021 година Апелацискиот суд делумно ги уважи жалбите на обвинетите, со тоа што им намали дел од казните, а ја потврди пресудата на судијката Кацарска во делот на вината.

За овој настан подоцна се отвори постапка за организаторите на насилствата, односно оние што беа сведоци во првата постапка. Но за овој предмет, иако имаше првостепена пресуда, Апелацискиот суд Скопје одлучи дека треба да ја укине затворската казна и предметот да го врати на повторено судење.

Со првостепената пресуда на вкупно 25 години затвор беа осудени организаторите спикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Во април 2023 Апелацискиот суд ја укина оваа пресуда и предметот го врати на повторено судење.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ