Изложбата е отворена во КСП – Јадро, каде градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски одржа говор и порача дека земјотресот претставува длабока лузна која не треба да се заборави ниту, пак да се повтори.
„Пет часот и седумнаесет минути (26 јули 1963) година, време и датум кои се врежани како голема лузна на ткивото на нашиот град. Природна катастрофа, која посакуваме никогаш да не се повтори, но поради која, работиме напорно во запазување на високите стандарди за безбедни градби. Зашто, само така се штити и се сака Скопје“, изјави Герасимовски.
Притоа, градоначалникот ги повика граѓаните да ја посетат изложбата и во следните седум дена, напоменувајќи дека општината ја реализира во чест на жртвите од земјотресот, како и нејзиното обновување.
„Изложбата е концепирана како мултимедијален настан на кој ќе можете да видиме историски фотографии од неколку периоди од развитокот на Скопје со акцент на територијата на Општина Центар, документарен филм за нашето Скопје, макети од централното градско подрачје, албуми со приватни фотографии и друга меморибилија. Ќе можете да го видите предземјотресен Центар, катаклизмичниот постземјотресен Центар, но и обновениот Центар“, порача Герасимовски.
Тој напомена дека Скопје во текот на својата историја преживеало големи катастрофи, но, сепак истрајноста била поголема и е пресликана преку симболот на фениксот на грбот на Општина Центар.