недела, 23 јуни 2024
Минатата година

248 претставки поднесени до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Објавено на

часот

Сподели

Членката на КСЗД, Весна Бендевска информираше дека бројот на поднесени претставки пред комисијата, енормно расте.

„Од 86 претставки поднесени во 2021 година, 248 се поднесени во 2022 година. Тоа е најголемиот доказ дека довербата на граѓаните во оваа институција секојдневно расте. Токму тоа покажува дека сме на вистинскиот пат да ја реализираме нашата стратешка цел и визија. Комисијата да биде препознаена како релевантен, кредибилен чинител во демократизацијата на ова општество, во борбата против дискриминацијата на секој граѓанин, без оглед на нивните различности“, подвлече Бендевска во изјава за медиумите пред почетокот на настанот.

Утврдена била дискриминација во 70 случаи, од кои 23 како потешки облици, односно повеќекратна, повторена, продолжена и интерсекциска дискриминација. Комисијата донела и две општи препораки од областа на еднаквоста и недискриминацијата. Донесени биле и две стручни мислења, едно за користена терминологија во материјал за формално образование, а другото за предлог на закон.

Во случаите на утврдена дискриминација во 2022 година, констатирана е повреда на правото на еднаквост врз 22 различни основи во повеќе области: 37 во јавното информирање и медиуми, 15 во работата и работните односи, 10 во пристапот до добра и услуги, шест во образованието, две во здравственото осигурување и здравствена заштита, по една во спортот и во дејствување на здруженија, фондации или други организации засновани на членство.

Заради непостапување по препораките на комисијата, поднесени се 14 барања за поведување на прекршочни постапки против утврдени дискриминатори, од кои за девет судовите повеле прекршочни постапки.

Во 2022 година, најмногу претставки се поднесени врз основа на национална или етничка припадност – 122, па врз лично својство и општествен статус – 74, потоа пол – 55, па врз припадност на маргинализирана група – 51, потоа, родов идентитет – 45, како и сексуална ориентација – четириесет и три. Има претставки поднесени врз основа на политичко уверување, социјално потекло, образование, попреченост, здравствена состојба, раса, возраст, род, јазик, семејна или брачна состојба, религија или верско уверување, друго уверување, имотен статус, боја на кожа, потекло, друга основа.

Поднесените претставки се од областа на работата и работните односи – 86, па јавното информирање и медиуми – 76, пристап до добра и услуги – 25, образование, наука и спорт – 18, социјална сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и здравствена заштита – 18, правосудство и управа – 10, домување – девет, членување и дејствување во синдикални политички партии, здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство – шест и една од областа на културата.

Кога станува збор за утврдени основи на дискриминација, најмногу има поради сексуална ориентација – 25, па припадност на маргинализирана група – 22, родов идентитет – 20, лично својство и општествен статус – 20, национална или етничка припадност – 19, пол – 17 и така натаму.

Дискриминацијата во областа на работните односи е утврдена во 15 случаи. Сите случаи во 2022 година се во институции од јавниот сектор. Шест во државни институции, пет во општини, три во училиште, една во здравствена установа.

Некои од случаите кои беа спомнати, дискриминација и вознемирување врз основа на политичко уверување и виктимизација на административна службеничка во Општина Гостивар од страна на градоначалникот и секретарот на општината, во овој случај во тек е поведување на прекршочна постапка кон сторителите на дискриминацијата пред надлежен суд за прекршоци, потоа вознемирување на вработена во Агенцијата за филм врз основа на пол и личен и општествен статус, како и дискриминација врз етничка основа во пристапот до вработување во основно училиште во Радовиш и дискриминација врз основа на јазик во образованието врз учениците чиј мајчин јазик е турскиот.

Од дискриминација во областа на здравствената заштита и здравственото осигурување, имало продолжена дискриминација врз основа на пол во УК за детски болести врз татковците на хоспитализирани деца. На татковците им било овозможено да ги придружуваат децата само преку ден. Во текот на вечерта, хоспитализираните деца можеле да бидат придружувани само од мајката, а доколку таа не била во можност, тогаш од роднини на детето од женски пол, како на пример баба, тетка, вујна, стрина.

Имало и продолжена интерсекциска дискриминација врз жените – Ромки од Шуто Оризари во пристапот до здравствена заштита.

Јавната презентација на Извештајот е поддржана во рамките на проектот „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ