четврток, 24 октомври 2024

22 лица починаа од колера во Судан, стотици се заразени

Во епидемијата на колера што го погоди Судан починаа најмалку 22 лица, додека 354 се заразени, соопшти денеска Министерството за здравство на земјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека годинава во Судан до 28 јули се регистрирани 78 смртни случаи од колера, а од 1 јануари до 28 јули од оваа болест се разболеле повеќе од 2.400 луѓе.

Тарик Јашаревиќ, портпарол на СЗО, рече дека епидемијата започнала во источната провинција Касала, пред да се прошири на девет места во пет провинции. Тој во изјава за Асошиејтед прес рече дека податоците покажуваат дека повеќето од откриените случаи не биле вакцинирани.

Тој рече дека СЗО сега работи со суданските здравствени власти за спроведување на вакцинацијата.

Колерата е мошне заразна инфекција, која предизвикува дијареа, што доведува до тешка дехидрација и можна смрт во рок од неколку часа доколку не се лекува. Се пренесува со консумирање контаминирана храна или вода.

Колерата не е невообичаена во Судан. Во претходната голема епидемија во 2017 година имаше најмалку 700 мртви и околу 22.000 болни.

Епидемијата на колера е најновата катастрофа што го погоди Судан, каде што во април минатата година избувна војна, претворајќи го главниот град Картум и другите урбани области во боишта, уништувајќи ја основната инфраструктура. Без основните материјали, многу болници и медицински установи беа принудени да се затворат.

Суданскиот конфликт ја создаде најголемата бегалска криза во светот. Повеќе од 10,7 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови од почетокот на борбите, според Меѓународната организација за миграција. Над два милиони од нив избегаа во соседните земји.

Во разорните сезонски поплави во последните недели загинаа десетици луѓе и речиси беше уништена инфраструктурата во 12 од 18-те судански провинции. Околу 118.000 луѓе се раселени поради поплавите, соопшти Агенцијата за миграција на Обединетите нации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ