среда, 11 декември 2024

2023 е на пат да стане најтоплата година досега

Оваа година е на пат да стане најжешката во историјата, објави денеска службата за климатски промени на Европската Унија Коперникус, пренесуваат агенциите.

Објавено на

часот

Сподели

Најтоплиот септември забележан на глобално ниво следуваше по летото со рекордни температури оваа година, објави Коперникус.

Температурите во септември годинава беа за половина степен повисоки од претходниот најтопол септември во историјата и речиси цел степен повисоки од просечниот септември помеѓу 1991 и 2020 година.

„Досега невидените температури за овој период од годината забележани во септември – по рекордното лето – поставија нови рекорди“, рече Саманта Бурџис, заменик-директорка на Службата за климатски промени Коперникус. Температурите во текот на 2023 година сега се на пат да бидат за 1,4 Целзиусови степени над просечните температури од прединдустрискиот период, рече Бурџис.

Ова е само 0,1 степен под целта поставена со Парискиот климатски договор, чиј императив е да го ограничи затоплувањето на 1,5 степени до крајот на векот.

Сепак, септември веќе беше за 1,75 степени потопол отколку во прединдустрискиот референтен период од 1850 до 1900 година.

Морскиот мраз на Антарктикот, исто така, достигна најниско ниво во септември, покривајќи девет проценти помалку копно од просекот помеѓу 1991 и 2020 година. На Арктикот морскиот мраз во септември беше на петтото најниско ниво.

Во однос на врнежите, сликата беше мешовита во септември.

Поголеми делови од Западна Европа добија повеќе дожд од вообичаеното, а имаше поплави во Грција и Либија како последица на бурата Даниел, циклон сличен на тропските што го погоди Средоземно Море.

Но другите делови на Европа, САД, Мексико, централна Азија и Австралија го забележаа најсушниот септември од почетокот на мерењето.

Службата за климатски промени на ЕУ, Коперникус, редовно објавува податоци за температурата на површината на Земјата, ледената покривка и податоците за врнежите.

Наодите се засновуваат на компјутерски генерирани анализи, кои вклучуваат милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици низ светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ