сабота, 19 октомври 2024

20 потврдени случаи на голема кашлица во Скопје, надлежните апелираат на вакцинација, УНИЦЕФ загрижен

Вкупно 20 случаи на голема кашлица, се евидентирани на територија на Скопје, но бројот се менува од час во час, изјави доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје. Поради ова надлежните апелираат на вакцинација, а УНИЦЕФ изрази загриженост од растечкиот број случаи на оваа болест во земјава.

Објавено на

часот

Сподели

УНИЦЕФ изразува загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружува кон повикот на здравствените експерти, до родителите и старателите, да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација, се наведува во нивното денешно соопштение.

„Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, родителите денес ја имаат таа среќа да растат без да доживеат некој член од семејството, или пријател, да им почине или да има доживотни последици од болести, како што се мали сипаници или детска парализа. Сегашната епидемија од голема кашлица потсетува на важноста од одржување опфат со редовна вакцинација на децата над 90-95 отсто за да се постигне колективен имунитет“, пишува во денешното соопштение на УНИЦЕФ.

Како што се додава, само со постигнување колективен имунитет може да се заштитат оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет. За да се заштитат децата и заедниците, се подвлекува во соопштението, важно е сите деца кои од која било причина, ја пропуштиле вакцината според националниот календар на имунизација, да ја примат вакцината.

„Вакцинирањето е една од најефективните мерки на заштита на децата и заедниците од сериозни болести. Докажано е дека вакцините се безбедни и глобално секоја година, тие спасуваат два до три милиони детски животи од сериозни болести. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите да им обезбедат на своите деца онаква заштита, каква што нивните родители им обезбедиле нив во минатото. Имате моќ да го заштитите своето дете, другите деца и заедницата од болести, што може да се спречат со вакцини, што се докажано безбедни и високо ефикасни“, се истакнува во соопштението на УНИЦЕФ.

Претходно денеска, во вакциналниот пункт Букурешт во Скопје информираа дека зголемен е интересот за вакцинирање по зголемениот број случаи со голема кашлица, а најавено е и двосменско работење и работа во сабота.

„Од утрово до 11 часот имавме околу 60 дечиња вакцинирано. Ако вообичаено бројките на дневно ниво ни се меѓу 20 и 30, денеска и тоа засега, бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните“, изјави Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар.

Деновиве заседаваше и Комисијата за заразни болести и донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје.

Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од големата кашлица. Како што нагласуваат, вакцината која се прима на 2,4,6,18 месеци и на 7 години и е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста.

„Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и истите треба да бидат одобрени на владина седница. И во закон стои дека секое дете, кое што нема примено одредена вакцина, не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме, за тоа да биде пракса и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје, како жариште во овој момент“, изјави вчера министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски.

Министерот за здравство во техничката Влада, Фатмир Меџити вчера рече дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

„Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот“, подвлече Меџити кој кажа дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија од голема кашлица за територијата на Град Скопје.

Во државава има хоспитализирани деца, но и возрасни со голема кашлица. Надлежните сепак велат оти состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот, за среќа нема смртни случаи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ