понеделник, 28 октомври 2024

15 години Агенција за пошти, интересот за поштенскиот пазар намален, недостасува работна сила

Интересот за влез на поштенскиот пазар се намалува, но тоа не се одразува на конкуренцијата и на квалитетот на поштенските услуги. Поштенскиот пазар во државава годинава ја заокружува со 35 лиценцирани даватели на услуги, издадени се две нови лиценци, а укинати се општите овластувања на три поштенски субјекти. Во 2021 година работеле 43 оператори, а лани нивниот број изнесувал 36, нагласи денеска на јавниот состанок директорката на Агенцијата за пошти (АП) Билјана Аврамоска Ѓореска на одбележувањето на 15 години од АП.

Објавено на

часот

Сподели

Директорката на Агенцијата за пошти (АП) Билјана Аврамоска Ѓореска денеска изјави дека очекува од 1 јануари да се отвори поштенскиот пазар и да се укинат резервираните услуги.   

На јавен состанок на АП таа соопшти дека се направени измени во Законот за поштенските услуги со кои е вградена и европската регулатива која се однесува на меѓународна достава на пакети, а се очекува да бидат во владина процедура наредната недела.   

Според Аврамоска-Ѓореска, интересот за влез на поштенскиот пазар се намалува, но, како што нагласи, тоа не се одразува на конкуренцијата и на квалитетот на поштенските услуги.   

Поштенскиот пазар во државава годинава ја заокружува со 35 лиценцирани даватели на услуги, издадени се две нови лиценци, а укинати се општите овластувања на три поштенски субјекти.   Во 2021 година работеле 43 оператори, а лани нивниот број изнесувал 36. 

Анализата на новите даватели на поштенски услуги 2021-2023 година на АП покажува дека недоволно подготвени влегуваат на пазарот, а само оние кои инвестираат во развој на одржливи мрежи растат и постигнуваат резултати, и во остварен обем на услуги и во приходи.  

Освен со конкуренцијата и со барањата на корисниците, како што рече директорката на АП, поштенскиот сектор се соочува со уште поголем предизвик – недостаток на работна сила, што се должи на демографските транзиции, воведувањето нови технологии, како и работните услови.   

„Поради тоа, неопходни се поголеми инвестици за подобри работни услови и задржување и привлекување на нова работна сила и трошоци. Овој тренд е присутен и на европскиот пазар, нотиран и во извештаите на Европската Комисија од Групата за европски регулатори за поштенски услуги“, рече Аврамоска Ѓореска.   

До Агенцијата за пошти годинава се поднесени 16 претставки, што е намалување во однос на лани кога имало 29. Во седум  од претставките од годинава корисниците не биле задоволни од доставата на пратки која се обезбедува од страна на АД Пошта на Северна Македонија, а девет се однесуваат за начинот на обезбедување на услугите од страна на останатите даватели.   

Пред Агенцијата за пошти се водела една постапка за спогодбено решавање спор, на барање од физичко лице за вршење достава. До регулаторното тело се поднесени и пет управни приговори од кои три се однесуваат за услугите на Карго Експрес ДООЕЛ Битола, еден за Брза Пратка и останатиот за АД Пошта. Донесени се четири решенија, а по еден сѐ уште се постапува.   

Намалениот број на поднесени претставки, во однос на лани, според Аврамоска Ѓореска значи дека барањата, прашањата и настанатите проблеми се решаваат во прва инстанца – во рекламациска постапка помеѓу корисниците и давателите на поштенски услуги.  

Годинава АП спровела 18 надзори, најмногу досега од основањето на Агенцијата, од кои осум редовни и 10 вонредни надзори. Во 10-те вонредни надзори, кај девет правни субјекти се констатирани прекршоци и за правните и за одговорните лица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ