сабота, 27 јули 2024

13 граѓани сакаат да се вселат во Вила Водно – Пендаровски и Силјановска-Давкова уште не се пријавени

До Државната изборна комисија досега како кандидати за претседател се пријавени Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија, Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ, професорката Билјана  Ванковска како кандидат на Левица, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција ВРЕДИ, Мерсиха Смаиловиќ која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) и Вело Марковски, кој својата независна кандидатура за претседател ја најави во октомври, лани, иако е член на ВМРО-ДПМНЕ. Уште четири лица дале изјава со иницијатива за собирање на граѓански потписи до ДИК – Томе Николовски, Господин Поповски, Ѓорѓи Манасков и Зорица Цветковска.

Објавено на

часот

Сподели

Според досега најавеното, на седмите избори за претседател на државата закажани за 24 април, во трка се вкупно 11 имиња за кандидати, но уште две кандидатури се речиси сигурни. Актуелниот шеф на држаата Стево Пендаровски чека неговото име да мине низ партиските филтри на СДСМ, а Гордана Силјановска Давкова која на минатите избори му беше противкандидат чека виза од партиските конвенции на ВМРО-ДПМНЕ.

И додека тече рокот за собирање потписи на кандидатите за претседател на претстојните избори, истовремено тече и рокот за пријавување за гласање на дијаспората. Согласно роковникот на Државната изборна комисија, рокот за собирање потписи трае до 8 март, додека пријавувањето на дијаспората за гласање е до 18 март.

Претендентите за Вила Водно, Билјана Ванковска и Максим Димитриевски вчера изнесоа сомнежи дека ќе има проблеми во собирањето на потребните 10.000 потписи од граѓани, меѓу другото и поради непристапноста за лицата со нарушено здравје на некои од локалните објекти на изборните комисии и нејасните патокази до нив.

Но претседателот на ДИК Александар Даштевски вели дека до ДИК не се доставени никакви забелешки за несоодветни услови од кандидатите кои собираат потписи, а доколку некој нешто такво пријави, веднаш ќе се излезе во пресрет.

„За овој процес се подготвуваме многу и ги преземавме сите мерки. Имаме донесено Правилник за регулирање на постапката за собирање потписи којшто може да се најде на веб страницата и да се прочита. Имаме дадено и наредба на вработените, ако не може немоќно лице да се качи, вработениот да се симне“, рече Даштевски во врска со поплаките на некои од партиите околу условите за собирање на потписите.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Постапката за собирање потписи, која почна вчера ќе трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.

Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава до ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ