сабота, 27 јули 2024
Реакции по одобрувањето на заемот од ЕИБ

100-те милиони евра ќе ги решат потребите за ликвидност и инвестиции на локалните бизниси

Објавено на

часот

Сподели

„Помошта од ЕУ претставува потврда на се она што го преземаме како политики откако претходно тоа беше потврдено и од меѓународните финансиски институции. Тоа се 100 милиони евра, со кои ЕУ го поддржува  планот на земјата во справување со енергетската криза и реформите од евроинтеграцискиот процес“, истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тоа, како што додаде, е резултат на како што наведуваат од ЕУ  силната посветеност што Владата ја покажа во  спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година.

Заменик-претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова, одговорна за операциите во Македонија, вели дека тековните енергетски и економски кризи дополнително ги влошуваат финансиите на локалните компании, коишто и онака се веќе ограничени во поглед на кредитите.

„Подобрениот пристап до финансии за МСП и стабилноста на банкарскиот сектор се приоритети за економскиот раст, отворањето работни места и конкурентноста. Имајќи го ова предвид, нашата кредитна линија ги поддржува и климатските цели на земјата и растот на МСП. И двете се клучни за да се обезбеди одржлив економски развој и просперитет во поширокиот регион“, изјави Павлова.

Главниот извршен директор на Развојната банка на Македонија, Кире Наумов вели дека благодарение на активната улога и постојаната поддршка на Европската инвестициска банка, Македонија да продолжи со реализација на позитивното влијание на финансиските ресурси на ЕУ врз економскиот раст, создавањето нови работни места, зелената и дигиталната транзиција во земјата.

„Со седмиот договорот за соработка со ЕИБ, РБСМ ќе продолжи да ги поддржува малите и средните претпријатија и да ја зајакнува својата улога во поддршката на зеленото финансирање“, вели Наумов.

Евроамбасадорот Дејви Гир изјави дека оваа кредитна линија ќе ги поддржи инвестициите на приватниот сектор во енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и кружната економија.

„Таа ќе обезбеди можности за економски развој на Северна Македонија, притоа придонесувајќи за одржлива иднина со нето нула јаглерод. Поконкретно, оваа зелена кредитна линија, промовирана од ЕУ и ЕИБ заедно, ќе им помогне на македонските мали и средни компании да станат поконкурентни и иновативни во контекст на денешната брза зелена транзиција“, рече Гир.

Средствата се дел од групата мерки усвоени од Владата на Северна Македонија во 2022 г. за поддршка на домаќинствата и бизнисите во услови на економско забавување и енергетската криза. Во следните месеци ќе биде потпишана дополнителна техничка помош за поддршка на РБСМ, локалните комерцијални банки и македонските компании во нивните зелени финансиски амбиции.

Предложената помош од ЕУ ќе се користи за покривање на финансиските потреби  во текот на 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи насочени кон фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното окружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството, како и борбата против корупцијата.

Станува збор за средства од пакетот што ЕК го воспостави во време на корона-кризата. Земјава во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот.

Ова е седми договор за соработка помеѓу РБСМ и ЕИБ. Со претходните шест договори за соработка беа доделени 550 милиони евра за поддршка на 2.362 локални компании. Ова е прва заедничка кредитна линија на банките со компонента за климатска акција и еколошка одржливост, чија цел е поддршка на зелената трансформација на локалната економија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ