Од модел во водителски води, каде се чувствуваш како риба во вода?
Манекенството или фотомоделството навистина многу се разликуваат од работата на водител. За да бидеш водител не е доволно само убаво да изгледаш, туку и со она што ќе кажеш треба на гледачите да им го задржиш вниманието. Отсекогаш сум сакала да бидам медиумски присутна или да бидам телевизиско лице, сè си има своја убавина, а јас како риба се чувствувам и во вода и на суво.
Дали телевизијата ти е конечна определба или си имаш други професионални амбиции?
Во моментов водителството ми е професионална определба и ќе продолжам да се надоградувам себеси во тоа, затоа што претпоставувам дека добро ми оди. Концентрирана сум и на факултетот, односно да завршам и да бидам дипломиран економист, а за тоа што понатаму, ќе видиме што ќе ми донесе самиот живот. Во секој случај, не се откажувам од телевизијата.
Дали од професијата модел може да се живее во Македонија?
Ова е навистина интересно прашање, на кое би сакала да одговорам позитивно, но за жал таа ситуација е сè уште иста овде кај нас – од манекенството дефинитивно не може да се живее во Македонија.
Што ѝ недостига на македонската модна сцена според тебе?
Најпрво ѝ недостигаат луѓе што таа професија ќе ја сфатат сериозно, потоа тука е и поголемото медиумско внимание, па парите. И навистина уште многу работи од тој тип.
А во водителската?
ТВ-сцената општо во Македонија во однос на стајлингот навистина значително се подобрува во последните неколку години и тоа ме радува, треба само да продолжиме напред и секако да ги следиме светските брендови и светската мода.
Како се негуваш? Спортуваш ли?
Искрено, генетиката има најголема улога кај мене кога е во прашање мојот физички изглед, но исто така наоѓам време и за спортување. Најчесто трчам и одам на фитнес.
Што најмногу успева да те насмее?
Јас сум девојка што е воспитана да ги цени вистинските етички вредности во животот, па затоа ситниците можат најмногу и најслатко да ме насмеат, се разбира кога доаѓаат од луѓе што јас ги сметам за блиски.