сабота, 27 јули 2024

Комшике убава: Лилјана Матевска

Објавено на

часот

Сподели

Лилјана е прва година на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а нејзината најголема љубов е цртањето, на кое по долго време повторно му се посветила. Затоа искрено признава дека факултетот совесно ќе го заврши, но сака во иднина професионално да се занимава со уметност. Смета дека вратите кон успехот треба да се отвораат со труд, талент, упорност и повеќе внатрешна убавина.

За разлика од порано, многу поретко посетува козметички салони, вели, сама си ги средува ноктите и косата, а во солариум оди повремено бидејќи има видливо светол тен. Наскоро планира да оди почесто и на масажи затоа што тие ја релаксираат.

„Што се однесува до негата, не применувам никакви трикови, секогаш гледам да се држам до некоја неопходна нега, ништо претерано. Се обидувам барем летно време сè поретко да ја сушам косата со фен, уживам во слободните денови кога лицето го одморам од шминка, иако има денови кога, како и секоја девојка, сакам да се дотерам. Тогаш независно од приликата најдобро се чувствувам во фармерки, кошула, јакна, а летно време може и фустан, избегнувам високи потпетици, најудобно ми е кога сум во балетанки“, вели Лилјана.

За добриот изглед е заслужен и нејзиниот режим на исхрана. Се храни со повеќе оброци на ден, но во мали количества. Смета дека ваквата исхрана може секого да задоволи за да не посегне по поголеми и штетни оброци.

Тоа што прво го забележува кај спротивниот пол се насмевката и очите. А на прашањето што значи за неа стилот, одговара – „Стилот за мене е начин на живеење на сите полиња. Од музика, облека, места за излегување до размислување, творење, па и чувствување. Кај мене овие нешта се многу различни и ќе продолжат да се менуваат со тек на време што ме радува, колку поразновидно толку подобро“.

Обожава да пешачи, спортот не ѝ е силна страна, а кога сака да се раздвижи, вежба на орбитрек. Цртањето ѝ е повеќе од хоби, а пред спиење секогаш чита книги.

„Татко ми постојано ми советува дека треба да бидам упорна и трпелива, а мајка ми – добра и приземјена“, ни открива убавата Лилјана Матевска.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ