вторник, 16 април 2024

Комшике убава: Лабеата Рамизи

Објавено на

часот

Сподели

 

Родена е во Албанија, детството го поминала во убавините на Скадар, а тинејџерските денови во Тирана. Од малечка има страст за цртање, за која вели, никогаш не згаснува. Лабеата Рамизи завршила Академија за уметност, поточно дипломирала на мултимедија.

„Бидејќи знаеме каков е животот на уметниците, морав да заработувам и дополнително, занимавајќи се со графички дизајн. Еве, речиси 10 години работам во таа област и увидувам дека таа е најблиску до уметноста“, вака Лабеата го започнува разговорот.

Убавината не е некоја посебна вредност, смета Лабеата

Отсекогаш имала желба да снима филмови и затоа донела одлука да живее за уметноста и да инвестира во неа. Кога се преселила во Скопје, ѝ се исполнила желбата да го сними својот прв филм.

Како помлада имала понуди да стане модел, ама никогаш не мислела дека телесната убавина има некаква вредност. Затоа и никогаш не се потпирала на неа.

„Убавината не е некоја посебна вредност, но секој сака да види нешто убаво, ама никој не сака да види нешто ужасно однатре од личноста. Моето мото е следи ги трендовите и остани каков што си“, вели таа.

Првиот ден кога се преселила во Скопје, ја забележала големината на градот.

Скопје го чувствувам како свој дом

„Градот е голем, има многу луѓе и затоа овде секој ден е предизвик за мене. Секогаш сè е различно, што особено ми се допаѓа.“

Адаптацијата на градот во почетокот ѝ била тешка. Сопругот ѝ помогнал во навикнувањето, всушност без неговата поддршка ќе си заминела по три дена. Но сега има многу пријатели, па Скопје го чувствува како свој дом.

Лабеата сака да зборува за својот филм. За својот исполнет сон:
„Филмот е за живеењето на два живота како еден, две личности во една, сè со цел да се најде вистинскиот живот и вистинскиот начин на живеење. Не може да се најде само универзалниот рецепт. Се работи за момче што е уметник и што има проблем со сопствената посебност. Како мал преживеал трауми, па престанал да зборува…“


Ни рече дека ќе нè покани на премиерата, која ќе се одржи на 15 март во „Кинотека на Македонија“ и ќе имаме можност да ја дознаеме целата приказна.

„Слободното време, како секој млад балкански уметник, го минувам во излегување, во забавување, во гледање телевизија, но и сликам и пишувам нешто“, вели Лабеата.

Има многу свои омилени места за релаксација и на душата и на телото. Но бидејќи сè уште го истражува Скопје, секаде се чувствува пријатно. Ја издвојува Матка, особено на пролет и во есен, кога често навраќа таму.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ