„Не знам на тие медиуми од каде им е и кој им ја кажал оваа ‘генијална’ теза, но знам дека со некој од нив ќе мора да се видиме на суд. Не дека го сакам тоа, но мора да се воспостави ред, бидејќи клеветењето и нанесувањето штета на нечиј личен углед и интегритет е крајно сериозна работа, колку и објавувачите или пренесувачите на вакви невистини да не ги поседуваат наведените особини.
Како доказ за трагикомичните лаги, денеска ја објавувам фотографијата од предавањето на моите акредитиви во романското МНР. Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, ќе ја доставам и мојата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека сум амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија.
Многу ми е жал што, поради внатрешните процедури во нашето МНР, разбирливо, не смеам да давам службени изјави додека трае мојот амбасадорски мандат. Се разбира, кога истиот ќе заврши, со задоволство и со страст ќе ги отвориме сите теми. До тогаш, со оние кои шират лаги и клевети, ќе се гледаме на суд“, реагира Жерновски.
Сепак, тој не одговари зошто не ги предал акредитивите на претседателот на Романија и зошто не добил акредитиви од новоизбраниот македонски претседател, Гордана Сиљановска, како што налагал романскиот протокол.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, вчера изјави дека има сериозни процедурални и администравни процедури зошто Жерновски не може да биде отповикан, бидејќи тој официјално никогаш не станал амбасадор.
А.Д.