четврток, 12 декември 2024

Земјотрес од 6,8 степени ја погоди Куба (ВИДЕО)

Силен земјотрес ја погоди вчера источна Куба, уште повеќе отежнувајќи ја состојбата во земјата, која сè уште не е заздравена од серијата неодамнешни бури и недостиг од струја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Земјотрес со јачина од 6,8 степени е регистриран во близина на Куба, по земјотресот со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала што ја погоди истата област пред само неколку часа, соопшти германскиот Центар за геофизички истражувања (ГФЗ).

Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (УСГС) во неделата објави дека земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала погодил околу 40 километри јужно од градот Бартоломе Масо. Засега нема информации за загинати или повредени.

„Имаше лизгање на земјиштето, оштетувања на домови и на електрични водови“, рече кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во објава на социјалните мрежи, додавајќи дека се погодени областите Сантијаго де Куба и Гранма.

„Почнуваме да ја проценуваме штетата за да започнеме со обновување. Првата и најважна работа е да се спасат животи“, рече тој.

Земјотресот се случил на длабочина од 10 километри, а американскиот Национален центар за предупредување од цунами соопшти дека не се очекува закана од цунами.

Засега нема информации за евентуална материјална штета.

Луѓето во погодените провинции рекоа дека земјотресот бил еден од најсилните што ги почувствувале во нивните животи – што не е мал подвиг во областа за која УСГС вели дека доживеала 23 земјотреси со јачина од 5 степени и повеќе во последните 50 години. „Сме почувствувале земјотреси во минатото, но ништо вакво“, изјави за новинската агенција Ројтерс жителката на Сантијаго Гризелда Фернандез.

Други жители во Сантијаго, вториот по големина град на Куба, велат дека земјотресот предизвикал тресење на зградите и дека многу луѓе сè уште нервозно стојат на своите прагови. „Требаше да видите како сè се мрда, ѕидовите, сè“, вели Јоланда Табио, 76-годишна жена од градот, за Асошиетед прес. Многу од домовите и зградите во регионот се постари и ранливи на штети од земјотрес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ