понеделник, 17 јуни 2024

Земјоделците и фармерите бараат да им се покрие разликата меѓу откупната и рентабилната цена на пченицата

Објавено на

часот

Сподели

Неофицијално, пишува МИА, мелничарите на производителите им нудат 11 денари за килограм, што е берзанска цена, но тоа е неприфатливо и нерентабилно за земјоделците. Бараат и не отстапуваат државата да ја покрие разликата до околу 18 денари, зашто по барање на министерството површините се зголемени за 13 отсто.

„Во моментов сме во преговори со Министерството за земјоделство, од една страна, и со мелничката индустрија од друга страна за да дојдеме до реална цена на пченицата. Мора да признаеме дека пченицата има берзанска цена. Без разлика на тоа, ние како земјоделци во ниту еден случај нема да дозволиме да бидеме заведени од државата, да произведеме, па да бидеме во загуба. Ќе преговараме сè додека државата не ни ја вети разликата од цената по која ќе се продава, до цената што ги покрива нашите трошоци. Сè уште не ја знаеме цената на пченицата, но со оваа цена што ја нудат мелничарите од 11 денари, во ниту еден случај не ги покриваме трошоците. Ниту е исплатлива, ниту е прифатлива. Нашите трошоци, според пресметките, неофицијално, се за цена од околу 18 денари по килограм. Разликата ќе ја побараме од државата за да не бидеме со загуба. Разговараме со министерството за земјоделство и се надевам дека ќе најдеме начин за да ја добиеме разликата и да бидеме обесштетени. Секоја сериозна држава мора да има предвид дека ако нам ни наложи да ја произведуваме храната, во случајов пченицата, тогаш таа е должна разликата да ни ја плати, со тоа ние да имаме стимул и за догодина да посееме и да не бидеме зависни од увозот на пченицата“, изјави Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Македонија.

Од околу 70.000 хектари, кои се зголемени за 13 насто во споредба со лани, се очекуваат околу 260.000 тони пченица. Но дождовите може да ги намалат приносите за 10 до 20 насто. Асоцијацијата на земјоделци бара и откупот за стоковите резерви да не биде само од една фирми, туку поделено на пет пунктови во сите региони што може колку-толку да им помогне во ситуацијата со исплатливото производство.

„Државата, за стоковите резерви, целиот тендер да не го доделува на една фирма, туку да се распредели на пет пункта во земјава. На пример, ако се откупуваат 15.000 тони за стоковите резерви да се откупуваат на пет пункта, па сите региони ќе бидат опфатени со откупот за стоковите резерви“, рече Стојкоски.

Производителите на пченица во секол случај ќе настојуваат државата да реагира да ја покрие разлика од откупната до реалната цена на лебното зрно.

„Не се откажуваме од нашите барања државата да ја плати разликата во цената. Како земјоделци сме вложиле труд и средства. Доколку несериозно сака да постапи државата, ќе настојуваме или преку договор или преку незадоволство со протести“, изјави Стојкоски.

Македонија произведува околу 260.000 тони лебно зрно, а останатите количества до потребните околу 320.000 тони, ги увезува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ