„Стигнавме во САД. Главната цел е да се зајакне Украина и да се заштити целиот наш народ. Оваа војна може да се заврши само со праведен мир благодарение на меѓународните напори“, порача Зеленски на платформата Икс.
„Планот за победа на Украина ќе биде на масата на нашите сојузници“, додаде тој.
Во видео пораката од авионот објавена на истата мрежа Зеленски кажа дека оди во американската држава Пенсилванија за „посебна порака“ пред Њујорк и Вашингтон.
„Оваа есен ќе биде одлучувачка за продолжувањето на војната“, кажа тој и додаде дека Бајден ќе биде првиот кој ќе ги види деталите на украинските предлози за конфликтот со Русија.
Зеленски планира потоа да им го претстави планот „на сите лидери на пријателски земји“ како и на американскиот Конгрес и двајцата кандидати за претседателските избори во САД, потпретседателката Камала Харис и поранешниот претседател Доналд Трамп.
Зеленски би требало да се обиде да го убеди Бајден да му одобри на Киев со западното оружје со долг дострел да гаѓа цели во Русија, што според него ќе го промени текот на војната.