„Се радуваме на средбата со Зеленски на нашиот самит во јули во Вилнус“, кажа Столтенберг на конференција за новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на државите членки на НАТО, на кој присуствуваше и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.
Столтенберг повтори дека НАТО останува посветено на својата политика на отворени врати и дека е спремно да ѝ помага на Украина колку што е потребно.
„Сојузниците јасно кажаа дека остануваме приврзани на политиката на отворени врати. Ја повикуваме Украина да продолжи со реформите, дури и во тешките времиња. Разговаравме за важноста на антикорупциските мерки, владеењето на правото и правата на малцинствата“, кажа Столтенберг.
„Силна, независна Украина е од клучна важност за стабилноста на евроатлантскиот простор“, кажа шефот на воениот пакт. Кулеба изјави дека членството на Украина во НАТО би било во интерес на евроатлантската безбедност.
„Нема подобро решение за обезбедување на евроатлантската безбедност во целост од можното членство на Украина во НАТО“, кажа Кулеба.