сабота, 15 март 2025

Зеленски до Трамп: Подготвени сме за преговори под ваше водство. Што поскоро

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да потпише договор за минерали и безбедност со САД и да работи под „силното водство“ на претседателот Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако призна дека неговата средба со претседателот Доналд Трамп „не поминала како што треба“, Зеленски повтори дека Украина е посветена на мирот и го пофали Трамп што ѝ ги обезбеди ракетите „јавелин“ на украинската војска.

„Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир. Никој од нас не сака бескрајна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи траен мир. Никој не сака мир повеќе од украинскиот народ. Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под силното водство на претседателот Трамп за да постигнеме мир кој ќе трае“, напиша Зеленски во објава на Икс.

„Подготвени сме да работиме брзо за да ја завршиме војната, а првите чекори би можеле да бидат ослободување на затвореници и примирје во воздух – забрана за ракети, дронови со долг дострел, бомби на енергетската и другата цивилна инфраструктура – и итно примирје на море, доколку Русија го стори истото. Потоа сакаме брзо да поминеме низ сите следни фази и да соработуваме со САД за да постигнеме силен конечен договор“.

„Навистина цениме колку Америка направи за да ѝ помогне на Украина да го зачува својот суверенитет и независност. И се сеќаваме на моментот кога ситуацијата се промени, кога претседателот Трамп ѝ даде на Украина „јевелин“. Благодарни сме на тоа“, додаде тој.

Тој се осврна на состанокот во Белата куќа кој заврши со историско фијаско.

„Нашиот состанок во Вашингтон, во Белата куќа во петокот, не помина како што треба. Жал ни е што се случи така. Време е работите да се исправат. Би сакале идната соработка и комуникација да бидат конструктивни“, рече тој.

Конечно, тој се осврна на договорот за минерали што требаше да биде потпишан во петокот во Вашингтон, но тоа не се случи со оглед на тоа што предвреме ја напушти Белата куќа, по расправијата со Трамп.

„Во однос на договорот за минерали и безбедност, Украина е подготвена да го потпише во секое време и во секој погоден формат. Овој договор го гледаме како чекор кон поголема безбедност и цврсти безбедносни гаранции и искрено се надевам дека ќе функционира ефективно“, рече тој.

САД синоќа ја суспендираа сета воена помош за Украина, а Белата куќа соопшти дека ова е привремена пауза.

„Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Потребно ни е и нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Ја паузираме и ја преиспитуваме нашата помош за да се увериме дека придонесува за решението“, изјави официјален претставник на Белата куќа за Ројтерс. Од канцеларијата на Зеленски не одговорија веднаш на барањето за коментар.

Паузата ќе трае додека Трамп не заклучи дека украинските лидери покажуваат добра волја да постигнат мир, објавија Блумберг и Фокс њуз.

Блумберг објави дека испораката на целата американска воена опрема која моментално не е во Украина е запрена, вклучително и оружјето во транзит на авиони и бродови или оние кои чекаат во транзитните области во Полска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ