„Веќе успеавме да пренасочиме приближно 40.000 припадници на рускиот воен персонал во тој правец. Им благодарам на сите наши борбени бригади, на секој војник, наредник, на секој командант за нивната храброст“, рече тој.
Според него, украинските сили го намалиле потенцијалот на руските трупи да вршат напади во регионот на Доњецк, но тој посочи дека ситуацијата и понатаму е тешка во близина на градовите Покровск и Курахов, пренесува Униан.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека во правец на Покровск, руските сили се обиделе да ја пробијат украинската одбрана 36 пати. Според извештаите, од почетокот на војната во февруари 2022 година, имало 163 воени судири меѓу руските и украинските сили.
Во меѓувреме, Европскиот парламент ги повика земјите-членки на ЕУ да ги укинат ограничувањата што ја спречуваат Украина да користи западни оружени системи за напади на руска територија. Таа резолуција ја поддржаа 425 европски претставници, 63 беа воздржани, а 131 беа против, пишува украинската агенција.
Претходно од кабинетот на Зеленски потврдија дека тој следната недела ќе отпатува за САД, каде што на американскиот колега Џо Бајден ќе му го претстави украинскиот „план за победа“.