На изложбата беа претставени четириесетина панели со репродукции од оригиналниот текст и компјутерска адаптација на преведениот текст од делото кое било испечатено во 1566 година во Венеција.
Преводот од црковнословенски на македонски е на епископот делчевско-каменички г. Марко, а дизајнот и типографијата ги направи Ласко Џуровски, кој креираше фонт на македонска кирилица.
„Работењето на овој проект беше исклучителна чест, и народски кажано со многу ќеиф пристапив кон оваа работа. Задоволни сме од резултатот што го добивме, секако со поддршка од владиката Марко, на некој начин го оживеавме ‘Часословот’ и тоа може да се види на претставените панели. Тие паѓаат од паноата, што значи дека се живи и како да сакаат дa испратат порака – не само да бидат поставени овде, туку да излезат надвор, светот да ги види, да покажеме што имаме. Сите да дознаат какви се и каде се нашите корени, затоа што имаме факти и ве поканувам ова да го претставиме секаде во светот, за сите да видат кои сме и кон што тежнееме, односно дека не сме дрво без корен, туку сме дрво со длабоки корени#, истакна Џуровски.
Епископот делчевско-каменички г. Марко ја истакна важноста што печатениот „Часослов“ ја имал за развојот на македонската писмена култура, а преку преводот и соодветната типографија е достапен за денешните и идните генерации.
Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ годинава се одржува по втор пат, организатор е здружението „Надеж“ со поддршка од културно-информативниот центар „Романса“ и Општина Македонска Каменица.
На фестивалот доделени се и награди „Јаков од Камена Река“, главно поврзано со делото на Јаков: академик Љупчо Коцарев за особен придонес во науката и зачувување на македонскиот идентитет, проф.д-р Станоја Стоименов, особен придонес во науката и промоција на Македонска Каменица, проф д-р Катерина Тодороска, особен придонес во историската наука, Костадин Танчев – Динката, особен придонес во развојот на графичкиот дизајн, проф. Георги Гоце Дуртаноски, афирмација на македонското писмено наследство, уметноста на убавото пишување (краснопис) и публицистика, д-р Бранислав Светозаревиќ, особен придонес во историската наука и публицистика, Македонската заедница во Чешка, за афирмација на македонското писмено наследство, јазик и литература, епископ Делчевско-каменички г.Марко, афирмација на православни духовни вредност, библиотека „АЛ-БИ“ село Бабино, особен придонес во негување на љубовта кон книгата, Дејан Трајкоски, особен придонес во македонската публицистика и литература и Добрила и Дориaн, за афирмација на современата македонска музика.