„Уште едно исполнето ветување за заедницата на Преспа и културното наследство благодарение на работата на Општина Пустец и партнерите. Заврши процесот на реставрација на црквата ‘Света Богородица’ на островот Мал Град. На виделина излегоа дел од извонредните византиски фрески, а беше поставена и надворешна врата изработена според оригиналната која се наоѓа во музејот на средновековната уметност во Корча“, објави Пали Колефски градоначалник на Пустец.
Исто така санирана е и патеката до неа и поставено осветлување со што се добива „прекрасен панорамски поглед и ги евидентира уметничките и архитектонските вредности на објектот“.
„Проектот кој е продолжение на проектот СмартКулТур“е финансиран од Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, со ангажман на општините Битола и Пустец, Дирекцијата на музеите на Битола, Регионалната дирекција за културно наследство Корча и Младинскиот културен центар – Битола. Оваа соработка ја подигна на ново ниво релацијата меѓу нашите институции и држави“, посочува Колефски.
Пештерската црква „Света Богородица“, со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро. Врз основа на записите сочувани на неа, оваа црква претрпела три измени. Во првиот натпис пишува дека основач на црквата е Бојко со жена му Евдокија во 1345 година. Во вториот натпис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата жена Кали, неговиот син Амирал и неговата ќерка Марија. Третиот натпис датира во 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада. Внатрешноста на црквата е целосно живописна и е доста позната по ѕидните фрески од византискиот палеолошки стил.
Островот Мал Град се наоѓа на три километри североисточно од Пустец, на југоисточниот брег на Преспанското Езеро.