вторник, 8 октомври 2024

Заврши доказната постапка, судењето за модуларната болница се ближи кон крајот

Објавено на

часот

Сподели

Денеска како последни сведоци беа сослушани двајца вработени од обезбедувањето на Клиничка болница Тетово, како и докторка од интерното одделение која била ангажирана во модуларната болница.

При сведочењето обвинителот ја праша докторката Ерселе Треси дали во модуларната болница имало раководител.

„Сме немале раководител, секој кој бил на смена бил одговорен“, истакна докторката Ерселе Треси.

Адвокатите ги прашаа двајцата вработени од обезбедувањето дали забележале противпожарни апарати во модуларната болница.

„Да, мислам дека имаше три. По еден во магацин, во сестринска соба и во чекална“, посочи сведокот Башким Ибраими.

По завршување на сведочењата судијата Јордан Велковски ги праша адвокатите, дали обвинетите ќе даваат исказ, на што бранителите одговорија дека обвинетите нема да дадат свој исказ. Потоа судијата констатираше дека доказната постапка е завршена.

Додека траеше судењето, неколкумина лекари и медицински персонал дојдоа пред тетовскиот суд каде повторно се одржа мирен јавен протест со цел поддршка за д-р Бобан Вучевски, еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница.

Медицинските лица истакнаа дека нивниот колега за време на пандемијата бил меѓу тие кои постојано биле на работа и за тоа го жртвувале приватниот живот.

„Дојдени сме да му дадеме поддршка на нашиот најхуман колега доктор Бобан. Кој што за жал поради системот кој не ни функционира, па наместо како добри, вредни и хумани доктори да се наградуваат, тие се влечат по судници. На жалост, таков е нашиот систем. Наместо толку мал број, сега требаше цело Тетово требаше да биде тука. Затоа што д-р Боби е еден од најхуманите луѓе-додека владееше пандемијата 24 часа седум дена беше на работа. Зарем овој наш колега немаше семејство, немаше свои деца, целиот свој живот го посвети на пациентите. Кај се сега сите тие пациенти, кај се и нашите колеги. Не само да се зборува по социјални мрежи тука треба сите да го поддржиме нашиот колега. Нашите добри стручњаци и добри колеги хумани и вредни на овој начин се навредуваат. Колегата не беше крив за тоа што имаше посета, кривицата е што болницата нема доволно медицински персонал“, изјави една од докторките, присутни на протестот.

Граѓаните кои редовно доаѓаат на овие протести кога се одржува судскиот процес потенцираат дека докторот е тој што совесно ја извршувал својата работа и на многу луѓе им помогнал да ја пребродат болеста за време на пандемијата со Ковид-19.

За пожарот во модуларната болница поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се товараат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ