Дежурниот хирург на КБЦ Косовска Митровица потврдил дека повредениот е опериран и моментално се наоѓа на интензивна нега.
„Нешто по 22 часот на нашето одделение е примен пациент со прострелна рана во пределот на десната страна на градниот кош, кој е донесен во состојба на хеморагичен шок, итно е примен и опериран. Крвавењето е прекинато и моментално е надвор од животна опасност и е хоспитализиран на одделението за интензивна нега за понатамошно следење“, рекол дежурниот хирург Никола Радојичиќ.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, потврдил дека косовската полиција синоќа пукала во Милан Јовановиќ кај мостот Бистрица на патот Лепосавиќ-Косовска Митровица.
„Разговарав со неговата сестра Надица и со лекарите. Раната на Милан е на десната страна на градниот кош и неколку милиметри го делеле од смрт“, изјави Петковиќ за ТВ Прва и го осуди овој напад. Тој изјави дека Јовановиќ е мирен, семеен човек, татко на три деца и по професија таксист.
Косовската полиција негираше дека нејзини членови пукале во Јовановиќ, а Петковиќ ги праша зошто не сакаат да ја покажат снимката од камерата од местото на настанот, пишува српски Телеграф.