На собирот што секоја година традиционално се одржува непосредно по завршувањето на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, ќе бидат презентирани 75 научни трудови и реферати, со што симболично ќе биде одбележана 75-годишнината од формирањето на најстариот универзитет во земјава.
Во рамки на Конференцијата ќе се одржуваат две секции – јазична и литературно-културолошка, што оваа година ќе минат во знакот на значајните јубилеи, 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски.
По завршувањето на собирот како и секија година ќе бидат објавени Зборникот предавања од 57. Летна школа и Зборникот трудови од 51. Меѓународна научна конференција.