среда, 9 октомври 2024

Законот за заем од Унгарија треба да се гласа во вторник откако денеска помина на собраниска комисија

Собраниската Комисија за финансирање и буџет го даде на натамошна постапка предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка. Со седницата претседаваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски откако во дадениот рок во Деловникот, претседателката на комисијата Сања Лукаревска не ја закажа седницата. Пратениците на СДСМ не учествуваа во работата на собраниската комисија.

Објавено на

часот

Сподели

Собраниската седница на која треба да се гласа за заемот се очекува да се одржи во вторник следната недела.

Предлог-законот го образложи заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Вкупниот износ на заемот кој ќе го додели унгарската Експорт – импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти.

Ако не го земе заемот, Македонија ќе ѝ плаќа на банката провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност.

Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Македонија ќе плаќа провизија за извршени правни
услуги на независна фирма избрана од страна на Експорт – импорт банка. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ од комисиската говорница, а потоа и на прес – конференција истакна дека пропаднале сите обиди на СДСМ да спречи капитални проекти во општините ширум Македонија и на поволни средства за инвестиции во приватниот сектор. Според него, СДСМ во текот на денот покажале недржавничко однесување обидувајќи се да спречат изградба на нови градинки, училишта, игралишта катни гаражи и други бројни инфраструктурни проекти.

Стојаноски потенцираше дека до утрово апликации за проекти поднеле 78 општини со 353 проекти меѓу кои и општини предводени од градоначалници на СДСМ Делчево, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и Крушево.

„СДСМ нема никаков кредибилитет да зборува за задолжување затоа што тоа е партијата која јавниот долг го зголеми на двете милијарди евра и над 60 проценти од БДП. Ваквата аларматна состојба со јавниот долг придонесе за каматната стапка на последната еврообврзница што ја зема двоецот СДСМ – ДУИ во 2023 година да достигне високи 6,25 проценти односно речиси сто проценти повеќе од заемот кој денеска сакаа да го спречат“, рече Стојаноски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ