недела, 14 април 2024

Загубивме добиен меч! (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Објавено на

часот

Сподели

Трагедија!

Македонија имаше шанса да се бори за полуфиналето. Имаше 70 секунди напад за триумф над Данците, но капитенот Кирил Лазаров, кој имаше маестрална вечер со 13 постигнати гола, на пет секунди пред крајот го промаши ударот за победа, а наместо бод, во контра Линдберг погоди, за голема радост на вицешампионите.

Долго ќе тагуваме за пропуштената шанса, трета на ова ЕП, откако не реализиравме завршни напади, и против Шведска за победа и против Германија за бод. Јуначки одиграа избраниците на Звонко Шундовски, во две третини од мечот ги надиграа Данците, водеа и со шест разлика, успеаја да се вратат од негатива од три, имаа можност за победа… Ќе бевме задоволни и со бод, но… Останавме со празни раце.

Можеби и полесно ќе го прифатевме поразот на пет-шест минути пред крајот, кога Данска имаше три разлика. Немавме идеја во тој момент, голманите долго време не можеа да фатат удар, Микаел Хансен се разигра и нè „избуши“… Но добивме шанса, Борко Ристовски се разбуди, Кире Лазаров погодуваше и сè до последниот удар. Тоа што ни го овозможија Данците требаше да го прифатиме со две раце, како Полјаците, но завршивме трагично.

Последниот шут на Кире Лазаров

На тие 5-6 минути пред крај изгледаше дека ќе го загубиме мечот. Данска во 44. минута првпат дојде до нерешено, минута подоцна првпат поведе и ја искористи серијата од 8-2 две минути подоцна за да стигне до предност од два гола 24-26.

Предност што ја одржуваше постојано, на моменти стигна и до три позитива, која во секој следен напад стануваше два гола минус за нас. Хансен играше симултанка, па даде седум гола во вториот дел, за вкупни 12 на контото. Сè до 51. минута немавме одбрането удар, освен воведниот во вториот дел на Ристовски.

Ристовски се врати на голот на шест минути пред крајот и првата негова одбрана беше во 55. минута. Сигурен голман значи сигурна одбрана, па Наумче Мојсоски во 55. минута првпат намали на еден гол негатива. Следеше размена гол за гол, Хансен, па Лазаров, па Шмид, па пак Лазаров. Капитенот две и пол минути пред крај погоди за повторно гол помалку, 31-32. Следуваше напад на Данска, зицер за противникот, кој Ристовски го одбрани, а полуконтрата Лазаров ја реализира за 32-32.

Арена полуде. Еруптира. Последните две минути тргнаа пак со напад за Данска и пак зицер на крило, кое Ристовски го одбрани. Последните 70 секунди Македонија ги мина во обид за напад. Потроши 65, Лазаров промаши, а Линдберг со звукот на сирената нè турна во очај. Го засени фантастичниот прв дел и воведните десет минути од вториот.

Репрезентативците играа како по ноти во првиот дел, особено во втората половина од тој период, во кој стигнаа и со нестварни шест гола предност на двапати. Но попушти концентрацијата во завршните три минути, па на полувреме заминавме со три разлика 19-16 и со добра најава дека имаме игра за победа.

Ракометарите играа мудро, трпеливо. Ја користеа секоја шанса и затоа имаа неверојатни 79 отсто реализација. Брилјираа Стојанче Стоилов, кој стигна во првиот дел до шест гола и стоотстотен ефект, а пет погодоци имаше на контото на капитенот Лазаров, и тој со максимална прецизност во ударите. Добар на голот беше и Ристовски, со шест одбрани.

Македонија ја искористи серијата од 5-0 по 16 минута, го материјализира играчот повеќе и ја турна Данска на колена. Едноставно, ракометно танцуваше на теренот, бодрени од македонската фаланга, која ја наполни Арена.

Трите гола предност во првите 10 минути од вториот дел на двапати ги зголеми на четири и тука застана. Кризниот период го искористија Данците да се вратат, па и да поведат, сè до трилер-завршницата, по која тие се радуваат, а ние тагуваме.

На крајот, 13 гола зад името на Лазаров со 76 отсто реализација и речиси сигурно прво место на листата на стрелците по првиот круг во новите групи. Седум гола даде Стоилов, но само еден во вториот дел, три пак беа дело на Мојсоски. Ристовски заврши со 11 одбрани.

Кај Данска, Хансен нè растури со 12 гола од 17 удари. Џелатот Линдберг погоди осум сосе голот во последната секунда, а пет даде Бо Спелербек, џокерот на Улрик Велбек, кој погодуваше кога беше најпотребно, во моментите кога Хансен беше отсечен или крилата затворени. Голманот Ландин собра 10 одбрани, меѓу кои и последната.

Од Белград, Златко Крстевски

Капитенот Лазаров даде 13 гола

Стоилов беше незадржлив

Ги засенивме светските вицепрваци во првиот дел

Инспиратор на пресвртот во вториот дел: Микаел Хансен

Погоди со звукот на сирената: Ханс Линдберг

Наместо тажни, Данците си заминаа радосни

Навивачите беа шокирани, како и целата јавност

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ