Тие ги полнат мртовечниците и ги преплавуваат гробиштата. Семејствата, кои постојано бегаат за да ги избегнат нападите, ги закопуваат своите мртви секаде каде што е можно: во дворовите и на паркинзите, под скалите и покрај патиштата, според изјавите на сведоците и видеоснимките. Други лежат под урнатините, а нивните семејства не се сигурни дека некогаш ќе бидат запишани во билансот на жртвите.
Сепак, официјалните податоци го покажуваат само бројот на загинатите од бомби и куршуми.
„Луѓето што умреле од индиректните последици од војната, вклучително и болест, глад и од колапсот на здравствениот систем, не се вклучени (во воените жртви)“, рече д-р Марван ал-Хамс, додавајќи дека веднаш по војната би се формирала комисија за пребројување на тие жртви.
Израелските власти го доведуваат во прашање бројот на загинатите што го објавуваат властите во Газа, бидејќи здравствените власти на Хамас, кој владее таму, не можат да ја потврдат вистинитоста на податоците.
Сепак, по повеќето конфликти од 2009 до 2011 година, истражителите на ОН составија свој биланс на загинатите и заклучија дека тој многу се совпаѓа со оној во Газа.
„За жал, на секои неколку години работиме со Министерството за здравство (на Газа) за бројот на жртвите и тоа е тажно искуство“, рече Фархан Хак, портпарол на генералниот секретар, додавајќи дека билансот од Газа се покажува генерално точен.
Здравствените власти и работниците од цивилната одбрана велат дека вистинскиот биланс може да биде уште илјадници, вклучително и телата под урнатините, за кои Обединетите нации велат дека тежат 40 милиони тони.
„Се чини“, напиша палестинскиот автор Јусри Алгул за Институтот за палестински студии, „дека судбината на Газа е да стане една голема гробница, со улици, паркови и домови, каде што живите се само мртви што чекаат да им дојде редот“.
Ханеен Салем, фотографка и писателка од северна Газа, загубила над 270 члена на поширокото семејство во бомбардирањата и гранатирањата. Салем вели дека меѓу 15 и 20 од нив се ексхумирани – некои откако војниците ги уништиле гробиштата, а други биле преместени од роднините од страв дека израелските сили ќе ги уништат нивните гробови.
„Не знам како да објаснам какво е чувството кога ги гледам телата на моите најблиски како лежат на земја, расфрлани, парче месо овде и коска таму“, рече таа. „По војната, ако останеме живи, ќе ископаме нов гроб и ќе расфрламе ружи и вода над него за нивните добри души.“