петок, 4 октомври 2024

Грипот забрзано се шири, за една недела 1.875 болни и еден смртен случај

Од 5 до 11 февруари пријавени се 1.875 случаи на грип –  заболувања слични на грип, информира Институтот за јавно здравје и наведува дека тоа претставува пораст за 13,4 во споредба со претходната недела, а бројот на пријавените случаи е зголемен за 2,7 пати во споредба со истиот период од минатата година. Регистриран е и еден смртен случај во Скопје, со што бројката на починатите како последица на компликации од грипот се искачи на девет лица.

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на таа недела во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ од 56 паралелно тестирани материјали за грип и ковид-19, детектирани се 12 позитивни случаи на грип и еден на ковид-19.

Во однос на возрасната дистрибуција, 1.139 лица се на возраст од 15-64 години, 424 се деца на возраст од 5-14 години, 147 – деца на возраст до четири години и 165 лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години. Заболените се пријавени од 29 ЦЈЗ/ПЕ, во Кавадарци – 332, Скопје – 209, Битола – 180, Струмица – 179, а во останатите, бројот на пријавени е помал или еднаков на 150, покажуваат податоците на ИЈЗ.

Во пет извештајни единици кои пријавиле случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во 11 сезонска, во 10 средна, во Ресен – висока и во две – Кавадарци и Кратово – многу висока активност на вирусот на грип.

„Во текот на оваа недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 65 години од Скопје кое било хоспитализирано во УК за пулмологија и алергологија и КИБФС. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети -кардиоваскуларни, белодробни и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А – несубтипизиран“, се наведува во извештајот.

Во сезоната 2023/2024 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 10.537 , во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 61,7 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има зголемување од 0,4 проценти.

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се девет починати лица асоцирани со грип, четири од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и Штип, пет од возрасната група на лица 15-64 години и четири од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип.

Согласно податоците, Македонија има регионална географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот на грип, нагласуваат од ИЈЗ.

Заклучно со шеста недела, во земјава вакцинирани се вкупно 61.694 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ