Осигурениците кои имаат дополнително (приватно) здравствено осигурување во јули наплатиле 61,9 милиони денари (над 1 милион евра) за медицински трошоци покриени со нивните полиси за здравствено осигурување.
Средствата ги исплатиле девет компании за неживотно осигурување и со нив покриле над 6.500 барања на осигуреници за исплата на медицински трошоци, покажуваат податоците кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 осигурителни компании.
Вкупно во јули сите компании на неживотно осигурување исплатиле 409 милиони денари (6,65 мил.евра)) за штети покриени со договори за осигурување. Износот на исплатени штети е зголемен за 26 отсто во споредба со истиот месец во 2022 година. Зголемување во однос на истиот период лани има и кај бројот на исплатени штети за 19,5 отсто. Во јули годинава се исплатени вкупно 10.848 оштетни побарувања за штети покриени со неживотно осигурување.
Во структурата на исплатени штети за сите 17 класи на доброволни неживотни осигурувања доминира приватното здравствено осигурување, а по него следува каско осигурувањето на моторни возила со реализација од 60,6 милиони денари (985.500 евра).
За осигуран имот во јули компаниите исплатиле штети во вредност од 25,1 милиони денари (408.000 евра).
Во структурата на исплатени штети, очекувано, најголемо е учеството за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (ЗАО). Осигурителите исплатиле 234,9 милиони денари (3,82 мил.евра) на 2.251 осигуреник. Од тоа за штети настанати на патиштата во земјава се исплатени 133,9 милиони денари (2,18 мил.евра). За штети предизвикани во сообраќајни незгоди или несреќи во странство, покриени со зелената карта, во јули биле исплатени 98,2 милиони денари (1,6 мил.евра).
Во вкупниот износ на исплатени штети за јули „Кроација осигурување – неживот“ учествува со 9 отсто, „Еуролинк“ со 10 отсто, „Евроинс осигурување“ со 3,2 отсто, „Граве неживот“ со 16,9 отсто, „Македонија осигурување ВИГ“ со 10,6 отсто, а „Сава осигурување“ со 12,2 отсто. Со 8,9 отсто во вкупната исплата учествува „Триглав осигурување„, со 8,4 отсто „Уника“, „Винер ВИГ“ учествува со 4,5 отсто, „Осигурителна полиса“ со 5,6 отсто и „Халк осигурување“ со 10,7 отсто.