среда, 11 декември 2024
Критики и во новиот Извештај на омбудсманот

За една година 119 бегства од затворот во Идризово

Од најголемиот затвор во државава, затворот во Идризово за една година вкупно 119 затвореници што излегле на викенди или побарале прекин на издржување на казната, не се вратиле на време или воопшто во затворот и влегле влегле во евиденција на бегства на осудени лица. Според новиот Извештај на народниот правобранител, 24 од нив воопшто не се вратиле зад решетки. Забелешки освен во делот на бегствата, омбудсманот има и во делот на сместувачките капацитети во оваа затворска установа, а претставки до него стасувале и за несоодветна здравствена заштита.

Објавено на

часот

Сподели

Според последните податоци од Управата за извршување на санкциите, вкупниот број на осудени лица кои издржуваат казна затвор во установите на ниво на држава изнесува 2.499, а капацитетот на установите е 2.113, што покажува прекубројност од 386 осудени лица. Притоа, најлоша состојба има во КПУ Идризово, каде на издржување на казна затвор се упатени скоро 50% од вкупниот број на затворската полулација. Капацитетот на оваа установа е за 1.187 лица, а казна затвор издржуваат 1.409 осудени лица, односно 222 повеќе.

„Народниот правобранител континуирано, во текот на извештајната година ја следеше состојбата со сместувачките капацитети во КПУ, за што бараше податоци од Управата за извршување на санкциите, а ја согледуваше состојбата и преку редовните посети во овие установи. Според последните податоци од Управата за извршување на санкциите, вкупниот број на осудени лица кои издржуваат казна затвор во установите на ниво на држава изнесува 2.499, а капацитетот на установите е 2.113, што покажува прекубројност од 386 осудени лица. Притоа, најлоша состојба има во КПУ „Идризово“, каде на издржување на казна затвор се упатени скоро 50% од вкупниот број на затворската полулација. Имено, капацитетот на Установата „Идризово“ е за 1.187 лица, а казна затвор издржуваат 1.409 осудени лица, односно 222 повеќе. Загрижува податокот дека во КПУ Идризово евидентирани се 119 бегства од осудени лица, од кои 24 воопшто не се вратени по прекин на издржување на казната затвор. За разлика од затворските одделенија, во притворските одделенија во казанено-поправните установи (затвор Скопје, затвор Гевеглија, затвор Куманово, затвор Охрид и затвор Битола) според податоците, нема прекубројност, односно вкупниот капацитет изнесува 350, а мерка притвор издржуваат вкупно 311 лица“, утврдила посетата и анализите на омбудсманот.

Затворениците му се жалеле на народниот правобранител за неквалитетната здравствена заштита, нередовните терапии, за нетпеливоста и влошените односи помеѓу осудените лица кое нешто е резултат на лошите сместувачки услови во затворските ќелии.

„Претставките коишто во текот на 2023 година беа упатени до народниот правобранител по основ на права на осудени и притворени лица, повторно беа јасен показател за лошите состојби во казнено-поправните установи (КПУ) во државата. Според статистиката, во извештајната година евидентирани се вкупно 166 претставки во оваа област што е за 41 претставка помалку од 2022 година. Најголем број од претставките беа поднесени од осудени лица кои издржуваат казна затвор (146), потоа за повреда на права на притворени лица (17), а останатите претставки (вкупно 3) се за правен совет. Во претставките упатени до народниот правобранител осудените лица изнесуваа поплаки во однос на условите за издржување на казна затвор, односно пренатрупаност, за (не)квалитетна здравствена заштита, со посебен акцент на немањето лекарства, нередовни терапии, како и за отежнат пристап до специјалистички иследувања и прегледи. Покрај ова, при разговорите со претставници на народниот правобранител, при посетите во казнено-поправните установи укажуваа на влошени односи помеѓу осудените лица како резултат на крајно лошите услови за сместување и пренатрупаност. Поплаките од притворените лица во најголем број се однесуваа на судските одлуки за притвор, бараа посета од претставници на народниот правобранител и во разговор изразуваа наводи за неосновано обвинување“, се вели во извештајот на народниот правобранител.

Институцијата оваа извештајна година нотира дека нема значителни промени во однос на констатацијата за пренатрупаност во казнено – поправните установи, што во некои установи резултира со зголемено меѓуосуденичко насилство, како и намалување на можностите за одржување на безбедносен ред и дисциплина во установите.

Во овој контекст, бројни претставки беа поднесени за меѓусебни конфликти на осудените лица, по кои народниот правобранител преземаше мерки, и за надминување на ваквата состојба до одговорните лица доставуваше укажувања, потсетувајќи на обврската за доследна примена на одредбите од актите согласно кои затворската полиција е надлежна за одржување на безбедноста и за добро функционирање на заедничкиот живот.

„Во исполнение на упатеното укажување, одговорните лица преземаа соодветни дејствија со нивно преместување во други оддели во установата со цел минимизирање на меѓуосуденичкиот контакти. Меѓутоа, неспорно, според народниот правобранител конфликти меѓу осудениците ќе бидат неизбежни, сè додека установите не ја надминат состојбата на пренатрупаност. Во однос на условите за сместување во Казнено-поправните установи се нотирани определени активности со цел подобрување на сместувањето и престојот на осудените и притворените лица. Во некои од установите преземени се и поголеми зафати, пуштење во употреба на „Детското катче“ во КПУ Затвор Куманово, фурна за производство на леб во КПУ Затвор Куманово, реконструкција на приемното одделение во КПУ Затвор Скопје, реновирање на санитарните јазли во полуотвореното одделение на КПУ КПД Идризово и во КПД Штип, започнување на изградба на работилница во КПУ КПД Прилеп и сл. Но сепак, условите за живот во казнено-поправните установи во државата сè уште не ги достигнуваат посакуваните минимум стандарди за задржување на лица“, дополнува омбудсманот.

Дополнително за влошување на состојбата влијае и нехигиената во просториите, недоволната светлина и неопременост на просториите, што во континуитет е присутна повеќе години наназад, а поради што народниот правобранител во повеќе наврати досега преку посебни информации и извештаи укажуваше на неопходноста од преземање на итни мерки за надминување на проблемите.

И во однос на здравствената состојба не се констатирани некои значителни промени. Нема подобрување во однос на квалитетот на здравствените услуги, ниту во опремување на здравствените единици, ниту во поглед на вработување и обучување на медицински персонал, што се воочи и преку многубројноста на претставките упатени до народниот правобранител коишто се однесуваат на несоодветна здравствена заштита.

Имајќи го предвид погоре констатираното омбудсманот ја повторува препораката Министерството за правда во соработка со Управата за извршување на санкциите, и директорите на Казнено-поправните установи да преземаат мерки за надминување на пренатрупаноста, како и мерки за подобрување на сместувачките услови согласно стандардите за издржување на казната затвор и мерката притвор, со почитување на човековото достоинство на лицата.

„Во соработка со надлежното министерство да се преземат мерки за доекипирање на установите со стручен медицински персонал, опремување на затворските амбуланти со соодветни медицински апарати и редовно снабдување со неопходните лекарства, да се интензивираат активностите со цел донесување на измените и дополнувањата на Законот за извршување на санкциите, да се обезбедат потребните услови за одржување, како на општата, така и на личната хигиена на осудените лица, преку редовно снабдување со неопходните средства за хигиена и соодветна чиста облека и постелнина, граничните премини добро да ја утврдат и редовно да ја ажурираат електронската евиденција на лицата кои потпаѓаат на режимот на детална проверка“, стои во препораките кои омбудсманот ги дава во делот за затворите.

                                   К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ